Легендарниот германски ракометар, а сега колумнист на „Скај“, Штефан Кречмар, го најави гостувањето на бундеслигашот Кил во Скопје кај европскиот првак Вардар. Тој вели дека нема да му биде лесно на Кил, ама нема да му биде лесно ниту на Вардар.
„Кил во следниот натпревар ќе гостува кај тврд тим, Вардар, а тоа е ланскиот освојувач на ракометната Лига на шампиони. Вардар во овој момент е најдобриот европски тим и повторно е еден од фаворитите за пласман на Ф4 турнирот во Келн. Иако губат играчи секоја сезона, знаат како да создадат нов тим кој „гризе“, кој има голема желба и кој игра бунтовно. Со домашните навивачи, во Скопје ќе биде вистински пекол. Натпреварот ќе биде неверојатно тежок за Кил, но и „зебрите“ покажаа дека знаат да се справат со домашна публика и жежок терен, како во Веспрем на пример“, напиша Кречмар.
Натпреварот меѓу Вардар и Кил се игра в сабота, со почеток во 17:00 часот во СЦ „Јане Сандански“.