Ракометарите на Еурофарм Пелистер славеа против хрватскиот вицепрвак Нексе Нашице со 27-23 и од второто место во групата ќе одат во четвртфиналето на регионалната СЕХА лига. Херој на пелистерци беше голманот Марко Кизиќ, кој одбрани пенал во последните секунди, и спречи битолчани да одат на двомеч со Загреб. Македонскиот тим во текот на дуелот водеше и со осум разлика, но не успеа да ја задржи високата позитива и на крајот оствари триумф од четири гола.
Гостите отворија со водство преку Мославац, но следуваа три погодоци на битолчани за 3-1. Лесјак бранеше одлично во овој период и со голот на Кисум, Еурофарм Пелистер стигна и до плус три, 4-1.
Во следниот период домашниот тим, за кој дебитираше новото тренерско дуо, Александар Јовиќ и Звонко Шундовски, ја одржуваше залихата од три гола. Беше и 6-3, па 8-5, но гостите беа упорни да се вратат во игра.
Иако ги немаше во ростерот Кевиќ, Бакиќ, Кузмановиќ и Јелиниќ, тука беа Северец и Милета кои намалија на 9-8. Беше и 10-9 во моментот кога исклучен беше Хенеберг, а потоа и Лесјак, но гостите не го искористија тоа.
Напротив, нашиот тим реализираше на два пати и ја врати предноста на своја страна, 12-9, откако Кизиќ одбрани пенал, а потоа и зицер. Беше и 14-10, Еурофарм Пелистер имаше и напад за плус четири, но не погоиди па на пауза се замина со 14-11.
Двете екипи не искористија по два напади на стартот на вториот дел, пред Мославац да намали на 14-12. Но потоа Лесјак одново фати два удари, па Кисум и Василев донесоа четири разлика, 16-12.
Гостите немаа премногу идеја во нападот, правеа грешки, кои битолчани ги казнуваа лесно и по само десетина минути игра во вториот дел беше плус седум, 21-14. Имаше Еурофарм Пелистер максимални плус осум на десетина минути до крајот, 25-17.
Беше и 26-18, но Нексе намали на минус шест со двата гола на Рачиќ и Маркушиќ. Хенеберг за момент го врати мирот со голот за 27-20, пред хрватскиот тим со ннови два гола во серија да се врати на минус пет, 27-22.
Јовиќ побара тајм-аут, но се разбрани и гостинскиот голман Цар, па на пет минути до крајот веќе беше 27-23. Одново битолчани не беа прецизни и имаше пенал за Нексе, кој беше запрен од Кизиќ.
Немаше реализација на двете страни во продолжение, па на стартот на последната минута имаше нов тајм-аут на пелистерци. Цар му го одбрани шутот на Хосни и останаа уште дваесетина секунди за напад на Нексе.
Беше изуден пенал, а шутот на Мославац беше одбранет од Кизиќ, па триумфот на битолчани беше изразен со четири гола, 27-23. Василев даде шест гола, четири постигна Кисум, додека голманскиот тандем Лесјак-Кизиќ имаше 18 одбрани. Кај Нексе се истакнаа Северец и Мославац со по четири гола.
Ривалот во четвртфиналето, Еурофарм Пелистер ќе го дознае на 27 март кога ќе бидат комплетирани дуелите од групата Б каде што се Вардар, Партизан и Татран Прешов.