Не е тајна дека европскиот шампион Вардар веќе неколку години има проблеми со финансиите. Иако најновите информации велат дека состојбата е нормализирана, сепак во шпанските медиуми се појавија изјави на поранешните ракометари и тренери – Хорхе Македа, Жоан Кањелас, Раул Гонзалес и Роберто Гарсија Парондо, кои велат дека им се должи пари на сите.
„Со две титули во последните три години, Вардар Скопје испиша успешна приказна, но нејзините темели исполнети се со долгови, неисплатени средства и неисполнети ветувања“, се вели во текстот на „Мундо Депортиво“.
Иако Кањелас и Македа веќе втора година играат за ПИК Сегед, сепак се уште немаат добиено се што им должи Вардар.
„Првата година си ги исполнија обврските, но од втората веќе почнаа да доцнат и на крај стана како снежна топка, која само продолжува да расте. Ни велеа да не се грижиме, но секогаш доцнеа. Имавме трпение повеќе од кого било. Тоа е комплицирано прашање, така што дојдовме до ситуација или да преземеме нешто или сè да остане исто.Она што ми пречи најмногу е дека тие не ни плаќаат, а ЕХФ воопшто не се мева, како другите спортски федерации, на пример. Оваа пасивност на ЕХФ фрустрира, бидејќи страдаат играчите и другите клубови: Вардар стана шампион на Европа без да плати. Затоа е нашиот бес, ова ги боли играчите. Официјално, ние не сме се пожалиле до ЕХФ, бидејќи се надеваме дека ќе ни биде платено и уште им веруваме, но трпението се троши“, изјави Македа.
Кањелас вели дека не се само тие двајца, туку имало и други ракометари кои си заминале од Вардар, а чекаат пари, но не откри за кои се работи.
„Вардар должи многу пари. Нè има неколку играчи во иста ситуација. Таму ти плаќаат, колку што тие сакаат. Со години ни ветуваа дека ќе бидеме исплатени, но уште ништо немаме видено. Последниот пат ни рекоа дека сè ќе ни биде исплатено до крајот на јануари, но уште еднаш без резултат“, вели Кањелас.
Раул и Парондо не се толку остри во обвинувањата кон поранешниот клуб.
„Веруваме на зборот на претседателот, но тој ни нема платено сè што ни должи до денес. Комплицирана е ситуацијата, ракометот, обично, ги има овие проблеми. Се случи со Вардар, се случувало и во други клубови, кои покривале дупки колку што можеле. Јас уште му верувам на зборот. Не знам дали ќе ни плати, времето работи против нас, но додека постои Вардар, постои и надеж“, вели Раул, кој сега е тренер во ПСЖ.
„Проблемот во нашиот спорт е што никој не им гарантира на играчите и на тренерите дека ќе си ги соберат парите, немаме регулатива како фудбалот или кошарката“, вели Парондо.
Дали и другите ракометари ќе дигнат глас во јавноста за тоа што им се должи од страна на Вардар, останува да видиме.