Европската ракометна федерација покрај Вардар, ги исклучи и Мешков Брест, ЦСКА Москва и Ростов Дон, кои сигурно ќе беа дел од новата сезона да не беше актуелната ситуација во Украина.
Без женските тимови на ЦСКА Москва и Ростов Дон, Лигата на шампионите ќе загуби многу на квалитет, а не се пријави ниту Подравка што ќе биде предводена од Жељко Бабиќ.
ЕХФ прими само 17 апликации за 16 места во ЛШ, од кои девет тима имаа сигурно место во групите. Тоа се Локомотива Загреб, Оденсе, Есбјерг, Мец, Битигхајм, Ѓер, Будуќност, Кристијансанд и Рапид Букурешт.
Осум тима се пријавија за вајлд-карта, седум од нив ќе ја добијат. Меѓу тимовите што побараа место во ЛШ се Брест Бретањ, Борусија Дортмунд, Ференцварош, Сторхамар, ЧСМ Букурешт, Бањик Мост, Крим и Кастамону.
На 27 јуни ЕХФ ќе ги објави тимовите што добија вајлд-карти, следниот ден ќе бидат познати шеширите, а на 1 јули ќе биде одржана и ждрепката.