Европскиот првак Барселона ја продолжи серијата без пораз во Лигата на шампионите, откако на домашен терен го совлада данскиот Алборг со 32-26. Голманот Де Варгас со 13 одбрани за едно полувреме и одличниот Мем во нападот со девет гола беа доволни за каталонскиот гигант да се справи со Алборг, кој патем имаше реми, 24-24 на десетина минути до крајот.
Во првиот дел двете екипи се менуваа во водство, имаа најчесто по еден или два гола разлика, но Алборг замина на пауза со гол предност, 16-15.
Голманот Агерфорс го одржуваше Алборг во живот во вториот дел и сите очекуваа драматична завршница. Сепак во последните десет минути од вториот дел на гостинските ракометари им се случи вистински потоп.
По голот на Клар за 24-24, Барса погоди четири пати во серија преку Мем, Ричардсон и Фраде за 28-24 и тука го скрши отпорот на ривалот. Де Варгас им одбрани пенали на Хансен и Бартолд, потоа уште два шута на ѕвездата на Алборг и веќе беше јасно дека нема назад за гостите. До крајот домашните само рутински ја задржаа предноста.
Најдобри стрелци во Барса беа Мем со девет и Ване со шест гола, додека Де Варгас имаше 12 одбрани со 55% на успешност, додека кај Алборг се истакна Клар со шест гола. Барса е прва на табелата со 17 бода, а данскиот тим е петти со седум бода.