Раководството на Металург и тренерот Зоран Кастратовиќ имаат амбициозни планови пред стартот на новата сезона.
Тимот од Автокоманда веќе донесе четири засилувања, планира уште, и веќе станува сериозен конкурент на Вардар и Еурофарм Пелистер за домашните трофеи.
Тренерот Кастратовиќ за црногорскиот портал „Вјести“ откри како се случил трансферот на Хрватот Златко Хорват, капитенот на Загреб.
„Преговаравме со македонскиот репрезентативец Гоце Георгиевски, но тој преговараше паралелно и со Вардар и одлучи да замине таму. Сакавме да донесеме звучно име и одеднаш ни се пружи можност да го договориме Хорват. Сè се случи многу брзо и за 48 часа ги договориме сите услови со него. Тој беше долгогодишен капитен на Загреб, но откако му истече договорот, беше подготвен за промена, и животна и играчка. Неговото доаѓање ни го крева рејтингот. Тој е играчка величина, но и маркетингшка. Потписот со него не одекна само во Македонија, туку и во цела Европа. Тоа беше доказ дека правиме сериозен тим за новата сезона“, вели Кастратовиќ.
Металург имаше договор со бразилскиот репрезентативец Енрике Тешеира, но тој нема да биде реализиран, па тимот од Автокоманда ќе бара нов играч.
„Бараме среден бек, кој може да одговори во двата правци. Го потпишавме Бразилецот Тешеира, но тој поради приватни причини сакаше да остане во Романија. Во контакт сме со неколку играчи, но мораме да видиме што ќе се случи со новото правило на РФМ, кога во прашање се странски ракометари и според кое може да имаме само осум странци. Само Хорват ги исполнува тие критериуми. Целта е јасна, да го вратиме сјајот на Металург, клуб кој некогаш доминираше во македонскиот ракомет“, вели Кастратовиќ.
Еурофарм Пелистер и Вардар исто така ги засилуваат своите редови, но Кастратовиќ вели дека ќе го врати стариот сјај.
„Во последните години, луѓето од Еурофарм Пелистер направија сè за да дојдат до позицијата што ја имаше Металург, а Вардар создаде имиџ на врвен клуб и два пати беше шампион на Европа. Металург има традиција и европски резултати, беше четвртфиналист на ЛШ и сега има за цел да го врати стариот сјај. Сакам да создадам екипа која ќе биде конкурентна на фаворитите и преку домашниот шампионат и европските натпревари да темпира форма за најважниот дел од сезоната, а тоа е плеј-офот“, заврши Кастратовиќ.
Металург досега освен Хорват, ги договори Потиќ, Рниќ и Канкараш, а следните неколку дена се очекува уште едно засилување.