Кастратовиќ: Криенс со ништо не нè изненади, поквалитетни сме и одиме на победа и во Цирих

Тимот на Металург забележа победа со два гола разлика, 26-24, против швајцарскиот претставник Криенс Луцерн во првиот дуел од второто квалификациско коло во Лигата на Европа.

Тренерот Зоран Кастратовиќ вели дека има некои работи што треба да се поправат пред гостувањето во Луцерн.

„Како што кажав претходно, Луцерн е цврста екипа што има квалитети и во одбрана, транзиција, и во нападот. Сметам дека имавме прилика да видиме повисоко ниво на одбраната, залагањето беше на високо ниво, а резултатот на крајот е во наша полза и уште помотивирани ќе одиме во Швајцарија. Честитки до моите играчи за ангажираноста, а грешките што вечерва ги имаше во голем број, сигурно не се плод на тактички идеи. Мораме тие индивидуални работи да ги поправиме пред гостувањето“, вели Кастратовиќ за 24Ракомет.

Металург прими 24 погодоци, и тренерот на тимот на Автокоманда смета дека тоа не се многу голови.

„Имавме дупки во одбрана, но примивме само 24 голови. Она што можеме да го анализираме во следниот период, тоа е пристапот на некои понеискусни играчи, кои не даваат полн придонес во играта и во резултатите. Потиќ имаше неколку грешки во серија, иако немавме многу потрошени од лев и десен бек“, продолжи Кастратовиќ.

Стратегот на Металург вели дека швајцарскиот тим одиграл како што се очекувало од него.

„Криенс со ништо не не изненади. Кај нас има голем простор за напредок, но ние ќе немаме многу тренинзи со оглед на тоа што играме со Работнички и Младост во четврток и петок, па ќе немаме многу време за тактичка подготовка. За жал паѓавме во делот каде што знаевме што ќе направат. Сметам дека сме поквалитетна и поискусна екипа и ќе одиме на победа и во Швајцарија“, заврши Кастратовиќ.

Реваншот ќе се игра во Цирих на 29 септември.