Екипата на Металург во Купот на ЕХФ ќе се соочи со тимот на Горење, а ова ќе бидат две средби на кои тимот од Автокоманда ќе се бори за влез во групната фаза од Купот на ЕХФ.
Новиот тренер на Металург, Зоран Кастратовиќ уште на првиот ден како тренер на „металурзите“ ќе може да се подготвува за тимот на Горење.
„Работите беа така наместени пред ждрепката Металург да има нов тренер. Го добивме Горење и сметам дека ова е противник по мерка. Се работи за подмладен состав, но е спој на младост и искуство, а во тие комбинации може да се види модерен, брз и динамичен ракомет. Има неколку искусни играчи кои се носители во фазата на одбраната како што е Миклавчиќ. Дека се работи за сериозен тим се гледа и од резултатите во 2. коло од Купот на ЕХФ против Металопластика која сезонава игра во СЕХА-лигата“, вели Кастратовиќ.
Тој предноста на Металург ја гледа во поголемото искуство на меѓународна сцена на младите ракометари.
„Металург е во предност во однос на Горење во делот на младите ракометари, кои имаат солидно меѓународно искуство зад себе. Тие се поискусни на меѓународна сцена во однос на помладите играчи на Горење и тука сметам на игрите во Лигата на шампионите, СЕХА-лигата, но и за репрезентацијата почнувајќи од кадетска до сениорска конкуренција. Затоа сметам дека шансите на Металург се реални и Металург може да одговори на предизвикот и во два меча да даде сè од себе во секој поглед и во сите структури на тимот сметајќи од играчи, па до стручниот штаб“.
Со оглед на тоа што доаѓа во незгоден момент кога се очекува пласман во групната фаза од Купот на ЕХФ, Кастратовиќ смета дека е потребно екипата да добие уште некое засилување за да биде поконкурентна.
„Имаме добра база, но во секој случај ни треба уште некое засилување. Дали тоа ќе биде сега или за време на паузата ќе видиме. Амбициите се да се направи обид и да се влезе во групаната фаза од Купот на ЕХФ. Потоа секако ќе се обидеме да дојдеме до добар резултат и на домашна сцена во првенството и во Купот на Македонија. Запознаен сум со тимот и го следев цела сезона така што знам со каков ростер располагаме во моментов“, коментираше за 24 Ракомет, новиот тренер на Металург, Зоран Кастратовиќ.