Кастамону станува силен тим: Хеле Томсен донесе и репрезентативка на Србија

Женската екипа на Кастамону од Турција продолжува со атрактивните засилувања за преостанатиот дел од сезоната.

Тренерот на Кастамону, Хеле Томсен, продолжува со својот шопинг на ракометарки, па така нова ракометарка во клубот е репрезентативката на Србија, Ана Којиќ. Десното крило во Кастамону доаѓа од шампионот на Словенија, Крим.

Полека, но сигурно во Турција се гради силен и амбициозен тим кој има амбиции за високи дострели. Пред Којиќ во екипата на Кастамону пристигна и репрезентативката на Норвешка, Аманда Куртовиќ, екс-ракометарките на ЖРК Вардар, Екатерина Љубјанаја и Алена Ихнева, како и искусната поранешна репрезентативка на Русија, Екатерина Веткова.

Кастамону сезонава се натпреварува во Европската лига, а таму за ривали ги има Лублин, Лада Тољати и Нант.