Европската ракометна федерација (ЕХФ) денес информираше дека воопшто нема да биде одигран натпреварот меѓу Будуќност и турскиот учесник во Лигата на шампионите, Кастамону. Двете екипи требаше да се сретнат во рамки од последното коло од елитното клупско натпреварување.
Како што е веќе познато, Турција и Северна Сирија во понеделникот ги погоди разорен земјотрес со јачина од 7,8 степени. Локалните власти во Турција прогласија седумдневна жалост, која вклучува откажување на сите спортски активности до 12 февруари.
Исходот од дуелот меѓу Будуќност и Кастамону немаше да има никакво влијание на пласманот на двете екипи во групната фаза и затоа ќе биде верификуван со службена победа на Будуќност (10:0).
Избраничките на Бојана Поповиќ од поодамна изборија влез во осминафиналето во Лигата на шампионите, додека Кастамону, кој на свое конто имаше само три бода, европската авантура оваа година ја завршува на 7. позиција.
Ракометната куќа на Европа, исто така информираше дека четвртфиналниот дуел од Европскиот Куп меѓу екипите на Кастамону и Измир е одложен. Првиот натпревар меѓу двете екипи беше закажан за недела, 12 февруари, додека датумот за реванш дуелот е 19 февруари.
Во следниот период треба да има дополнителни информации во врска со презакажувањето на двобојот меѓу турските суперлигаши во третото по ранг европско натпреварување.