Актуелниот шампион од Турција, Кастамону, започна да го создава тимот за следната сезона, во која повторно ќе атакува на учество во Лигата на шампионите.
Прво засилување во Кастамону за следната сезона е репрезентативката на Данска, Симоне Бем. Десното крило во Кастамону ќе се пресели од унгарскиот суперлигаш, Шиофок, каде што настапуваше подолг период, односно од 2017 година.
Ракометарката од Данска во турскиот клуб ќе биде замена за поранешната членка на Вардар, Јованка Радичевиќ. Во екипата на Хакан Гунал на позицијата десно крило настапува и репрезентативката на Турција, Јагмар Топрак, која најверојатно ќе остане во следната сезона.
Бем најголемиот дел од својата кариера го мина во својата татковина, Данска. Таму настапуваше за Рандерс, Силкеборг и Виборг. Во сезона 2016/17 беше дел од големиот проект на ЧСМ Букурешт.
Минатата година со репрезентацијата на Данска учествуваше на Светското првенство во Шпанија. Заедно со нејзините колешки од репрезентацијата го освоија бронзениот медал на Мундијалот.