Натпреварот меѓу претставниците од Јужна Америка, Бразил и Уругвај, заврши со убедлива победа од 37:17 за Бразилците.
Бразил одлично го започна натпреварот и со головите на Мораеш и Торијани стигна до водство од 3:1 во првите минути од натпреварот. Уругвајците имаа проблеми со реализација на нападите, а дел од направените технички грешки беа причина за водството на Бразил од 5:2 по десет минути игра.
Свои моменти имаше голманот на Уругвај, Андреас Виера кој ги врати неговите соиграчи во игра. Добрата одбрана на Бразил и избрзаните напади на Уругвајците кои беа без идеја и решение, сето тоа го искористија искусните ракометари на Бразил и на полувреме имаа убедливо водство од 18:7.
Второто полувреме помина во доминантна рутинска игра на Бразил. Со серија од 6:0, Бразил стигна до највисока предност од 24:7 во првите осум минути во вториот дел. Првиот гол ракометарите на Уругвај го постигнаа дури во 39. минута преку Габриел Чапаро.
Поставената одбрана на Бразил, 6-0 беше нерешлива загатка за ракометарите на Уругвај и тие тешко доаѓаа до позиција да постигнат гол. Бразил до крајот со својата втора постава на терен запиша убедлива победа. Останатите десет минути беа само формалност, а Бразилците и покрај високото водство не дозволија да примат повеќе од 17 голови.
Во својот дебитански настап на Светското првенство во Египет, селекцијата на Уругвај ги заврши игрите со уште еден пораз и без ниту една победа на Мундијалот.