Ракометарите на Младост од Богданци на домашен терен славеа сигурна и убедлива победа против екипата на Драчево со 31:24 во 15. коло од Првата лига во рамки на групата А.
Според пласманот на табелата овој дуел требаше да биде дерби натрепвар, но Младост многу рано направи висока предност и не дозволи неизвесност. После воведни 3:1, домашните предводени од Караиванов поведоа со 10:4.
Во текот на првите 30 минута Младост имаше највисоки осум гола позитива, но на полувремето беше седум, 19:12. Сепак, во продолжението се покажа дека ова водство беше сосема доволно за конечен триумф. И во вториот дел продолжи доминацијата на Младост за убедлива победа.
Незапирлив во составот на Младост беше Мите Караиванов кој беше убедливо најефикасен на теренот и најзаслужен за победата со 16 погодоци. За Драчево најпрецизен беше Александар Димковски со четири гола. Со овој триумф Младост се израмни со Драчево на второто место со по 33 бода, но има и натпревар помалку.