Прволигашот Младост од Богданци, кој во новата натпреварувачка сезона ќе влезе со подмладен состав, од клупата ќе биде предводен од некогашниот македонски репрезентативец Мите Стоилов.
Искусниот ракометар во последните две сезони беше и тренер и играч во тимот од Богданци, а за новата сезона му беше дадена довербата целосно да ја преземе работата со ракометарите. Стоилов со своите избраници веќе ги започнаа подготовките за сезона 2022/23.
Клубот и најдобриот стрелец Мите Караиванов се разделија, а претходно од клубот си заминаа и Саше Михајловиќ и Ристе Пешков. Во екипата остануваат и актуелните кадетски репрезентативци – Стојанчо Наумовски, Антонио Николоски и Илија Чрчев и за новата сезона беа ангажирани уште двајца репрезентативци на кадетската репрезентација на Македонија, голманот Благој Панов и Давид Иванов, кои во редовите на Младост пристигнаа од Тиквеш Кавадарци.
Составот е надополнет со искусните Никола Роглев и Горан Паунков, па тренерот Мите Стоилов ќе има солиден тим во прволигашкото друштво и ќе може да се надева на камбек во македонската елита.
Клубот последен пат во Суперлигата играше во сезона 2020/2021, но тогаш не успеа да обезбеди опстанок. Ракометарите на Младост минатата сезона го освоија седмото место во Првата лига и не успеаја да обезбедат влез во најквалитетното македонско натпреварување.
Младост во новата сезона во Првата лига ќе игра во групата А. Ривали на тимот од Богданци ќе бидат екипите на Јехона, Бисинов, Кичево, Македонија ЃП, Мултиесенс, Овче Поле, Работнички, Текстилец и Шампион. Најдобрите пет екипи ќе обезбедат пласман во плеј-оф фазата и ќе имаат шанса да се борат за влез во Суперлигата.