Карабатиќ јавно побара – да се укине правилото „седум на шест“

Францускиот репрезентативец Никола Карабатиќ поради повреда го пропушти Светското првенство кое се игра во Египет. Еден од најдобрите ракометари на сите времиња ги следи натпреварите на својата репрезентација која игра добро и има три победи на СП.

Карабатиќ во светскиот ракомет има создадено име кое е многу почитувано, а со својот авторитет сака да започне иницијатива за промена на ракометните правила. Во овој момент на Карабатиќ не му се допаѓаат две правила.

Французинот се огласи на Твитер и побара промени на правилата од одговорните.

„Како љубител на ракометот им порачувам на луѓето кои се задолжени за правилата да го променат правилото седум на шест, а треба да се воведе и временско ограничување на нападите“, напиша Французинот.

Оваа идеја на Карабатиќ беше поддржана од уште неколку други ракометари меѓу кои е и Жером Фернандез.