Искуството знае да биде клучен фактор за освојување на шампионска титула и медал на големо натпреварување.
Ова особено е присутно на големите натпреварувања последните години. Рекордер со 11 Светски првенства е Аргентинецот Гонзало Кару. Но, аргентинскиот пикер последниот настап го имаше на Мундијалот во Египет 2021 година, а сега ќе биде асистент тренер на јужноамериканската репрезентација.
Сепак учинокот на Кару во однос на Никлас Ландин или Никола Карабатиќ е минимален во однос на конечниот успех.
Карабатиќ го игра деветтото Светско првенство
Секако лидер по бројот на настапи, но и некој кој оставил белег е левиот бек на Франција, Никола Карабатиќ. Тој има настап на осум Мундијали со шест освоени медали – четири златни и две бронзени. Првпат се појави 2005 година на СП во Тунис, а серијата ја прекина во 2021 кога поради повреда не играше во Египет. Во два наврати беше и МВП на шампионатите, а има постиганто 282 гола.
Данските играчи со многу искуство
Данска која е актуелен шампион може да се пофали со неколку играчи кои играле на неколку првенства – голманот Никлас Ландин Јакобсен, десното крило Ханс Линдберг и левиот бек Микел Хансен. Хансен, е на бројка од 288 гола на Светските првенства. Има и три титули МВП. За него ова е осмо првенство, а серијата трае од 2009 година од Хрватска.
Никлас Ландин, има две титули од 2019 и 2021 година. Данска на ова првенство ќе биде засилена и со враќањето на искусниот Ханс Линдберг, десното крило кое има 41 година, не играше пред две години во Египет, но затоа имаше низа од 2007 до 2019 година со освоени три медали – едно злато и две сребра.
И хрватскиот состав има еден искусен и прекален борец 34-годишниот капитен Домагој Дувњак. Ова за него осмо првенство. Во редот на великаните е секако и шпанскиот бек и поранешен играч на Вардар Жоан Кањелас. Серијата од осум настапи ја почна во 2009 година и имаше голема заслуга за златото 2013, како и бронзите 2011 и 2021 година.
Листата на играчи кои ќе го играат своето седмо Светско првенство ја сочинуваат петмина, почнувајќи со голманот на Исланд Бјоргвин Густавсон, во оваа група е и голманот на Египет, екс играч на Еурофарм Пелистер Карим Хендави, потоа Германецот десно крило Патрик Грецки, левото крило од Бразил Фабио Чиуфа, како и капитенот на Чиле Родриго Салинас.