Уште три седмици не делат од стартот на Европското првенство во Австрија, Шведска и Норвешка, а Македонија по шести пат ќе биде дел од континенталните собири. Предводник на нашата селекција ќе биде Кире Лазаров.
Европската ракометна федерација го смести Лазаров во одбрано друштво, како ракометар што може да испише историја со настапот на ЕП, заедно со Никола Карабатиќ, Гудјон Валур Сигурдсон, Дидие Динар и Микел Хансен.
Лазаров беше најдобар стрелец на СП во Хрватска во 2009 година со рекордни 92 гола, а во 2012 година на ЕП во Србија урна сличен рекорд со 61 погодок. Во 2017 тој повторно беше најдобар стрелец на СП во Франција, па сега би можел да стане првиот со по две вакви признанија и на европските и на светските шампионати.