Многу ракометни ѕвезди реагираа на одлуката на Светската ракометна федерација да има навивачи на Мундијалот во Египет. Најпрво беше одлучено да има публика – 30% од капацитетот на арената, но потоа под притисок беше намален процентот на 20.
Сепак ниту тоа не е доволно за ракометарите, кој преку Европската унија на ракометари и Форум на клубовите, упатија барање и потпишана петиција до претседателот на ИХФ, Хасан Мустафа, да нема навивачи во Египет.
Капитените на европските селекции се загрижени за високиот ризик од ширење на вирусот меѓу играчите и стручниот штаб, ризик од ширење на инфекцијата меѓу гледачи.
„Строго препорачуваме да го разгледате ова барање и првенството да се организира без присуство на публика. Ако ова не биде исполнето, во тој случај Ве молиме да ни испрати точни и прецизни информации во врска со тоа како ќе се постапува на одговорен начин кон играчите, стручните штабови, како и публиката“, се вели во писмото до ИХФ.
Од сите 16 европски селекции, не се потпишаа само капитените на Чешка и Русија, додека сите останати – Данска (Ландин) , Унгарија (Миклер), Исланд (Гунарсон), Португалија (Руи Силва), Франција (Жерар), Норвешка (Мирхол), Германија (Генсхајмер), Шведска (Паличка), Словенија (Доленец), Полска (Храпковски), Австрија (Зејнер), Белорусија (Каралек), Шпанија (Ентрериос) и Хрватска (Дувњак) го ставија потписот на петицијата.
Светското првенство треба да почне на 13 јануари, а ќе се игра до 31.