Ракометарките на Деспина во рамките од 8. коло од Женската лига триумфираа против младиот тим на Кузман Вардар со 35:22. Со новите освоени бодови, Деспина се зацврсти на третото место на табелата во Групата А.
Прилепчанки беа во водство во текот на целиот натпревар. Богојеска и Гулеска отворија за 2:0, а избраничките на Страшо Илиески не дозволија да бидат изненадени во продолжение и рутински го контролираа резултатот. Во 10. минута се повреди голманката на гостинките, Ивана Петровска, а тренерот, Александра Кузмановска мораше да игра без голман, односно меѓу стативите да стави ракометарка со маркер. Тоа беше олеснување на работата за Деспина која најчесто имаше водство од четири до шест гола предност, додека на полувреме резултатот беше 17:11 за домашната екипа.
Во вториот дел со два гола во низа, Кузман Вардар намали на минус пет, 13:18. Ракометарките на Деспина во текот на 37. минута повторно се вратија на плус шест, 21:14. На петнаесетина минути пред крајот, Деспина имаше водство од 24:16, тука беше сосема јасно дека домаќинките ќе ги задржат бодовите на свое конто.
Најефикасна на натпреварот беше ракометарката од Деспина, Ангела Камческа со десет гола. Во составот на Кузман Вардар листата на стрелци ги предводеше Ивана Стојмановска со седум гола.