Поранешната репрезентативка на Македонија, Мери Гичева, која во минатата сезона настапуваше за косовскиот суперлигаш Феризај, одлучи да се врати во Македонија.
Прилепчанката која има 37 години е првото засилување во редовите на Гевгелија, клуб кој во минатата сезона играше во плеј-аут фазата, откако по завршувањето на регуларниот дел не обезбеди пласман во плеј-оф групата.
Со своето големо искуство, поранешната македонска репрезентативка ќе биде од голема помош за екипата на Гевгелија. Гичева настапува на позицијата лев бек и со својата препознатлива игра, која се базира на удари од 10-12 метри, сѐ уште претставува вистинска закана за секој противник.
Искусната ракометарка во својата кариера настапуваше за Кометал Ѓорче Петров, Еуростандард Ѓорче Петров, Кабран Амбалажа, Жито Прилеп, Деспина, Верија (Грција), Цетате Дева (Романија), Верона (Италија) и во косовските Приштина, Вучитрин и Феризај.
Гевгелија во новата сезона ќе игра во групата А заедно со Скопје, Шампион, Спартак, Куманово, Пелистер, Чаир и Вардар. Најдобрите четири екипи ќе обезбедат пласман во плеј-оф фазата, додека екипите кои ќе завршат од 5 до 8 место ќе играат во плеј-аут групата.