Сезоната за македонскиот и европскиот првак Вардар е завршена, со оглед на тоа што ракометарите веќе немаат обврски ниту на домашна, ниту на меѓународна сцена.
На средината на овој месец, би требало да бидат познати повеќе детали околу судбината на Вардар и за тоа како ќе изгледа овој тим во иднина.
Рускиот интернационалец Глеб Калараш даде осврт на досега одиграното оваа сезона за „Брз Центар“.
„Чувствата се контрадикторни. Оваа сезона за нас не беше лесна. Најпрво, за неколку месеци се сменија дури тројца тренери. Второ, целата сезона имаме финансиски проблеми. Трето, екипата почнаа да ја напуштаат повеќе ракометари. Но и покрај тоа стигнавме до осминафиналето. Бевме подготвени и понатаму да се бориме, но се вмеша коронавирусот и сезоната беше прекината. Многу екипи, вклучувајќи ја и нашата, останаа без шанса да се борат понатаму и да стигнат до Ф4“, вели Калараш.
Тој вели дека Вардар ќе ја преживее оваа криза и дека со задоволство би останал до крајот на договорот.
„Договорот со клубот ми е на уште една година, но во средината на мај ќе имаме собир, на кој ќе стане јасно во каква насока ќе продолжи Вардар. Што се однесува до мене, јас со задоволство би останал овде до крајот на договорот. Клубот ќе продолжи да живее, а раководството е заинтересирано да ги сочува сегашните играчи и да донесе уште неколку нови ракометари за да се формира добра екипа. Се надевам дека се ќе биде како што треба“, заврши Калараш.