КАКО ДО ТИТУЛАТА: Алкалоид мерка од сенка

Шестото коло од плеј-оф фазата во македонскиот шампионат ги измеша картите преку кои Македонија ќе го добие новиот шампион, и сега новиот суперлигаш Алкалоид уште во првата сеозна во елитната лига е во игра за титулата. Патот е потежок, но, не и невозможен.

Новиот суперлигаш Алкалоид го совлада македонскиот првак Вардар во Автокоманда и таа минимална победа значи нови возбудливи натпревари до крајот на сезоната и отворање на прашањето околу старо/новиот шампион. Вардар ја загуби високата гол разлика која ја имаше по дуелот со Еурофарм Пелистер во трката за титулата, а сега ќе мора да ги засука ракавите и посериозно да му пристапи на домашниот меч против Алкалоид.

Алкалоид ја заврши регуларната сезона на второто место во групата A, зад Вардар. Во регуларниот дел имаше два порази од шампионот во двата меѓусебни дуели. На почетокот на плеј-оф фазата загубија од Еурофарм Пелистер во Битола и играа нерешено во Кавадарци кај Тиквеш па затоа и покрај победата над Вардар во Автокоманда се уште заостануваат три бода зад водечката двојка во трката за титулата.

Како до првата титула?

По победата над Вардар од 22-21, РК Алкалоид на шест кола до крајот има 21 бод, три помалку од Вардар и Еурофарм Пелистер кои се уште се фаворити за освојување на македонскиот шампионат.

До крајот на првенството има уште шест кола или 18 бодови за освојување, а доколку РК Алкалоид ја продолжи победничката серија клучни ќе бидат натпреварите со нивните директни конкуренти за титулата. Оној домашниот против Еурофарм Пелистер кој се игра денес(13.04) и гостувањето во „Јане Сандански“ кај Вардар во последното коло во мај.

Само 18 бодови што значи и две победи против македонските ракометни гиганти можат да ги доведат новите суперлигаши до првиот трофеј во македонскиот шампионат, сепак тоа ќе биде условено и од гол разликата која би ја оствариле против Еурофарм Пелистер во случај Еурофарм Пелистер да го совлада Вардар во Битола.

Во корист на РК Алкалоид би било и реми во Битола меѓу домашните ракометари и Вардар, тогаш било каква победа против водечкиот двоец на табелата ќе значи титула. Сите други комбинации се во корист на Еурофарм Пелистер и Вардар, секоја загубен бод на РК Алкалоид до крајот на сезоната значи и крај на надежите за највисокиот пласман во домашното првенство.

СТАТИСТИКА ПО ОСУМ ОДИГРАНИ КОЛА ВО ПЛЕЈ-ОФ:
24 ВАРДАР 
24 ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР
21 РК АЛКАЛОИД 

Клучни натпревари доколку нема дополнителни изненадувања во лигата:
* РК Алкалоид -Еурофарм Пелистер 13.04.2023, СЦ Автокоманда, Скопје
* Еурофарм Пелистер -РК Вардар 07/08.05.2023, СЦ „Боро Чурлевски“, Битола
* РК Вардар- РК Алкалоид 27/28.05.2023, СЦ „Јане Сандански“,Скопје

ЕДИНСТВЕН ПАТ КОН ТИТУЛАТА ВО МАКЕДОНСКИОТ ШАМПИОНАТ РК АЛКАЛОИД ГО ВОДИ ПРЕКУ ПОБЕДА ПРОТИВ ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР СО ПОВЕЌЕ ОД ДВА ГОЛА РАЗЛИКА И ПОБЕДА ПРОТИВ ВАРДАР ВО ПОСЛЕДНОТО КОЛО.

За клубот

РК Алкалоид од оваа сезона се пресели во новиот реновиран дом некогаш на згаснатиот Металург сега на новите „сини“ од Автокоманда. Предводен од селекторот Кирил Лазаров од клупата, со финансиска поддршка од претседателот на Ракометната федерација, тимот се темели на поранешни и сегашни македонски репрезентативци како спој на талент и искуство.
Иако скромни во изјавите за очекувањата, раководните структури во клубот сигурно бргу ќе сакаат валоризација на вложените средства во клубот. Желбите и амбициите се големи. Несомнено клубот од периферијата на Скопје се движи по патеките на неговиот претходник- Металург.

КАКО ДО ТИТУЛАТА: Вардар игра „топло-ладно“ за одбрана на трофејот

КАКО ДО ТИТУЛАТА: Еурофарм Пелистер – Во Битола мириса на титула