Тимот на Еурофарм Пелистер 2 го доби за ривал тимот на Алпла Хард, австрискиот вицепрвак. Со оглед на другите можни ривали, ова може да се оцени како поволна ждрепка, но се работи за искусен тим, што може да им направи многу проблеми и на посилни тимови од Еурофарм Пелистер 2.
Алпла Хард е шесткратен шампион на Австрија, последен пат во 2017 година, а минатата сезона играше во финалето на плеј-офот и на два пати загуби од Кремс. По четири трофеи има во Купот на Австрија и во Суперкупот. Беше финалист на Челинџ Купот во 2008/09 година, а во сезоната 2002/03 беше дел и од Лигата на шампионите.
Тренерот на „црвенните ѓаволи“, како што ги нарекуваат ракометарите на Алпла доаѓа од Исланд – Хан Јон Јонсон, додека предводник на теренот е искусниот голман Голуб Докниќ, екс член на Вардар и актуелен австриски репрезентативец, иако порано бранеше за Црна Гора. Покрај Докниќ, во голманското дуо е младиот Балдауф. Докниќ е голман на мотивација, ако му тргне на стартот, знае да прави чуда на голот.
Од бековите лани најдобри стрелци беа левиот бек Иван Хорват, некогашен член на Фленсбург и десниот бек Срѓан Предраговиќ. Предраговиќ даде 118 гола, а Хорват 99 гола во австрискиот шампионат. Двајцата и наредната сезона ќе го носат дресот на Алпла Хард. Треба да се обрне внимание и на искусното лево крило Лука Рашле, кој е трет стрелец во тимот.
Од екипата си заминаа десното крило Робин Крицингер, како и средниот бек Мануел Шмид. Потврдено засилување е десниот бек Никола Стевановиќ, кој доаѓа од АЕК Атина, а претходно беше дел бундеслигашот Балинген. Сумирано, тренерот Јовиќ ќе треба да обрне најмногу внимание на десната бековска позиција (Предраговиќ, Стевановиќ), и на левата страна (крилото Рашле и бекот Хорват).
Од друга страна, Еурофарм Пелистер 2 остана без искусната тројка – Трајкоски, Димитровски и Ѓукиќ, замина и Димитриоски, згора на тоа дел од играчите можеби ќе продолжат и во првиот тим, па тренерот Александар Јовиќ ќе мора одново да гради екипа. Во битолскиот тим доаѓаат голманите Василије Печурица и Мартин Јовановски, средниот бек Мартин Ивановски, а дополнително ќе биде познато кои од играчите ќе играат за првата екипа.
Првиот натпревар меѓу Алпла Хард и Еурофарм Пелистер 2 се игра во Австрија на 27/28 август, додека реваншот е на 3/4 септември.