Селекторот на Хрватска, Хрвоје Хорват би можел да остане за ЕП без услугите на голманот Иван Пешиќ. Тој е вакциниран со две дози на Спутник, но за да игра на ЕП мора да биде „боцнат“ со некоја од оние што се на листата на прифатливи за ЕХФ – а таму ја нема руската вакцина.
Сега доаѓаме до банален заклучок – ако Пешиќ сака да игра на ЕП, мора да прими четири дози вакцина против коронавирус?!, пишува „24Сата“.
Во слична ситуација како Пешиќ, се поголем дел од белоруските и руските репрезентативци, па дали ќе има исклучок или ЕХФ ќе остане на цврстиот став, останува да видиме.
Големата надеж на хрватскиот ракомет, Верон Нациновиќ, дефинитивно отпадна од списокот за патници на ЕП, а Хорват мораше да се откаже од членот на Монпелје поради ковид-протоколите на континенталниот собир.
Нациновиќ нема право на настап на Европското првенство бидејќи не бил вакциниран со две дози. Тој бил позитивен на ковид-19, но до овој период бил вакциниран само со една доза, а терминот за втората доза се поклопува со терминот на ЕП.
Хрватска својата битка ќе ја започне од Сегед. Избраниците на Хрвоје Хорват за прв противник на Европското првенство ја имаат селекцијата на Франција. Освен Франција, ривали во првата фаза на Хрватска ќе бидат и селекциите на Србија и Украина во рамките од Групата Ц.