Непоразениот тим во регуларниот дел од сезоната во Суперлигата, Охрид, вложува во сопствената школа. Раководството и тренерот Раде Стојановиќ повлекоа потези со кои шанса ќе добијат ракометари со кадетски статус.
Ново име во охридскиот состав е Славчо Шулески. Стружанецот на Охрид му се приклучи во зимскиот преоден рок. Тој во Охрид се пресели од КЛ7. Друштво на Шулески му прави Владимир Наумоски, кој во првата екипа е прекомандуван од кадетскиот состав. Нов договор доби Михаил Иваноски. Десниот бек втората сезона тренира со Охрид каде се стекна со репрезентативна репутација.
“Мило ни е што можеме да се пофалиме со засилувања и продолжување на соработка со млади ракометари од нашата школа. Во фокусот покрај првата екипа, секогаш ние и нашата школа од која црпиме нови ракометари. Продолжуваме во ист ритам на тренинзите во сите категории со јасни цели и планови”, изјавија од клубот за “Ohridnews”.
Иваноски, Шулески и Наумоски тренираат и повремено ќе играат во првата екипа, додека триото ракометари ќе биде носител на играта во кадетска и младинска конкуренција.