Кадетите со победнички старт во Германија – падна Австрија

Машката кадетска репрезентација на Македонија имаше победнички старт на силниот турнир „Шпаркасе Куп“ кој се одржува во германскиот град Мерциг, откако славеше против Австрија со 25-23. Предводени од крилата Ненад Белистојаноски со девет и Марио Стојановски со шест гола, нашите кадети иако имаа пад на играта во финишот, успеаја да го совладаат тимот што исто така ќе биде дел од СП за кадети на лето.

Се играше гол за гол првите десетина минути до 4-4, а потоа тргна серија на избраниците на Раде Стојановиќ. Погодуваа Белистојаноски и Марио Стојановски за 8-4, имавме шанса за плус пет, но беше пропуштена. Сепак таквата предност беше достигната со голот на Димковски за 10-5. Беше и 11-6, но во тој момент поставата се измеша на терен, па следуваше мал пад во нашата игра и Австрија намали на 11-9. Како се ближеше крајот на полувремето, така ривалот полека ја намалуваше разликата. По 12-9 со голот на Субашевски, Македонија промашии два пати, а Австрија погоди исто толку, па на пауза беше 12-11.

Во вториот дел Галевски застана на голот, одбрани два шута по ред, па нашите кадети стигнаа до плус 16-13. По уште една одбрана на Галевски, Марио Стојановски стрелаше од невозможна ситуација за 19-15. Од безидеен напад погоди и Узунчев за 21-17, ни се укажа прилика за плус пет, но немаше реализација. Нашата одбрана лесно примаше голови по брзата игра во транзиција на ривалот и на пет минути до крај, Австрија се врати во игра, 21-21. Белистојаноски ја врати предноста на наша страна, а по грешката на Австријците, казни Узунчев во контра за 23-21. Ривалот немаше многу идеја во финишот, па Калајџиески со голот на минута до крај за 25-22, ја потврди победата.

Белистојаноски беше најефикасен со девет гола, Марио Стојановски даде шест, Димитар Узунчев беше стрелец на четири погодоци, по два пати стрелаа Димковски и Карасманакис, а по еднаш Субашевски и Калајџиески.

Утре Македонија ја чекаат два меча, против Германија од 11:20 часот и против Холандија од 16:40 часот, по што ќе биде познато дали ќе играме во полуфиналето или за пласман од 5 до 8 место. Натпреварите на овој турнир се играат 2×25 минути.