Машката кадетска репрезентација на Македонија, која ќе игра на Светското првенство во 2023 година во Хрватска, ќе има силни проверки пред Нова Година.
Македонија ќе биде дел од силниот „Шпаркасе Куп“ во Германија, a покрај нашата селекција ќе играат уште пет европски селекции, Египет и тимот на Сарланд, кој е од регионот каде што ќе се одржи турнирот.
Исландската федерација денеска ги објави и групите за овој турнир. Нашите репрезентативци ќе бидат дел од групата Б.
Покрај Македонија, во групата Б ќе бидат уште репрезентациите на Австрија, Холандија и Германија, а двете први места водат во полуфиналето на турнирот. Во групата А ќе бидат Сарланд, Египет, Исланд и Швајцарија.
Турнирот ќе се игра од 27 до 29 декември. Првите два дена се дуелите од групната фаза, додека на последниот ден ќе се играат натпревари за пласман.