Подготвувајќи се за настап на кадетското Б првенство во Летонија, македонските кадети по вторпат триумфираа во контролните средби со врсниците од Грција. На вториот натпревар одигран во Маврово, Македонија победи со 27-26 (15-9). И на првиот меч Македонија победи, но со 25-23 (11-10).
Селекцијата предводена од Раде Стојановиќ имаше контрола на резултатот во текот на целиот натпревар, на моменти и над десет гола предност. Сите играчи добија шанса да бидат на паркетот, но слабата игра во последните десетина минути на нашите кадети му овозможи на ривалот да дојде дури и до шанса да израмни. Од 26-20 грчките ракометари намалија на 26-25.
Во последните 20 секунди гостите имаа шанса дури и да израмнат, но македонските играчи направија тактички фаул на девет метри, па времето беше истечено. Шутот на Грците заврши во нашиот блок.
На европското Б првенство во Летонија нашите кадети ќе играат во група со Летонија, Турција и Косово. Во другата група се Швајцарија, Белгија и Луксембург. Само победникот од двете групи ќе се пласира на кадетското СП и младинското ЕП.