Кадетите од денеска во Маврово, на 7 август заминуваат за Летонија

Машката кадетска репрезентација на Македонија ја очекува настапот на ЕХФ шампионатот во Рига, главниот град на Летонија.

По пријателските натпревари со јужниот сосед на Македонија, на кои беа забележани две победи, ракометарите добија слободно, а од денеска повторно се во Маврово, каде ќе се одвива последната фаза од подготовките.

Селекторот Раде Стојановиќ ќе смета во најголем дел на ракометари што играа и на ЕХФ шампионатот во Варна за младинци, а конечниот список на патници ќе биде познат пред заминувањето за Летонија кое е предвидено за в недела.

Македонија е во група со домаќинот, Турција и Косово, додека во другата група се Швајцарија, Белгија и Луксембург.

Првото место на овој ЕХФ шампионат носи директно место на младинското ЕП во 2024 година, на кадетското СП во 2023 година, додека за кадетското ЕП во 2024 ќе се играат дополнителни квалификации во јануари 2024 година.