Машката кадетска репрезентација на Македонија по триумфот над Австрија, загуби од силната селекција на Германија со 31-25.
Сепак по триумфот над Австрија над Холандија со 27-22, нашите ракометари со било каква победа над Холандија ќе го потврдат местото во полуфиналето на силниот „Шпаркасен Куп“, под услов и Германија да слави над Австрија.
Македонија отвори со гол, но Германците набрзина вратија и направија пресврт 3-1. Ја одржуваа предноста до средината на првиот дел, кога по 10-7, со головите на Димковски и Субашевски, нашите кадети се доближија на 10-9.
Беше и 12-11, имавме шанса за реми, но не беше искористен нападот и Германија се одлепи одново на плус три, 14-11. До крајот на полувремето, момците на Емир Куртагиќ стигнаа до пллус пет, 18-13.
Во второто полувреме најчесто се играше гол за гол, избраниците на Раде Стојановиќ намалија во еден момент на минус три, но немаа сили за комплетен камбек. Предноста на бундес тимот се движеше меѓу четири и шест гола во финишот, за на крајот мечот да заврши 31-25.
Дамјан Субашевски беше најдобар стрелец со осум гола, Ненад Белистојаноски даде шест, четири пати стрелаше Димитар Узунчев, три пати Мирче Калајџиески, а два гола постигна Дејан Михајловиќ. Мечот со Холандија се игра денеска од 16:40 часот, по што ќе биде познат и нашиот утрешен распоред на натпревари.