Денес во Европската ракометна федерација (ЕХФ) беше одржана ждрепката за квалификациите за Европското кадетско првенство во Црна Гора следното лето.
Репрезентацијата на Македонија, која е составена од генерација 2006/2007 и помлади, за ривали во квалификациите ги доби репрезентациите на Швајцарија, Словачка и Косово.
Групата не е тешка, не е ниту лесна, но Македонија ќе има големи шанси да обезбеди нов настап на континентален собир. Најдобрите две репрезентации од секоја од петте формирани групи ќе обезбеди пласман на кадетскиот континентален собир.
Селекциите од првиот шешир ќе имаат право да се пријават за организација на квалификациски турнир, па нема сомнеж дека РФМ ќе го стори тоа и Македонија на домашен терен ќе се бори за ЕП.
Со реформите на младинските првенства, на ЕП ќе играат 24 селекции, а ќе има ЕХФ шампионат Б и ЕХФ шампионат Ц, на кои ќе играат елиминираните селекции од квалификациите и дополнително пријавени репрезентации.
На ЕП во Црна Гора место обезбедија 14 селекции, односно домаќинот Црна Гора и најдобрите 13 според ранкингот – Шпанија, Шведска, Германија, Хрватска, Данска, Исланд, Унгарија, Словенија, Португалија, Норвешка, Франција, Србија и Фарски Острови.
ЕП кадети, Црна Гора, квалификации:
група А: Литванија, Грција, Холандија, Италија
група Б: Косово, Словачка, Швајцарија, Македонија
група Ц: Босна и Херцеговина, Луксебург, Полска, Израел
група Д: Естонија, Турција, Украина, Чешка
група Е: Финска, Летонија, Романија, Австрија
Квалификациските турнири ќе се играат во јануари следната година.