Амбициозниот суперлигаш Тиквеш од Кавадарци, продолжува со серијата засилувања пред стартот на новата сезона во кој ќе го очекуваат големи предизвици и на домашна и на меѓународна сцена.
Најново име во ростерот на кавадарчани и тренерот Никола Матлиески е левиот бек Мартин Манасков, дознава 24Ракомет. Тој минатата сезона ја одигра во Бутел Скопје и беше меѓу најдобрите стрелци во овој тим, а претходно беше дел од составите на Охрид, Пролет, Вардар Јуниор, Металург Јуниор…
Манасков ќе ја зголеми конкуренцијата на левата бековска позиција, каде што доаѓа српскиот интернационалец Срѓан Мијатовиќ. Кавадарчани договорија уште три засилувања – голманот Јанко Гемаљевиќ, десниот бек Ани Обина и левото крило Мирко Мајиќ.
Капитенот Страхиња Симиќ го продолжи договорот на уште три сезони, соработките ги продолжија и крилата Димитар Коцев, Евгениј Темелкоски, пивотите Кристијан Анастасовски и Никола Стефановиќ, дефанзивецот Борче Соколов, како и кадетскиот репрезентативец Славчо Шулески.
Тиквеш утре ќе го добие ривалот во второто коло од Европскиот Куп, а ќе стартува од првиот шешир пред ждрепката од 11:00 часот.