По црногорското лево крило Мирко Мајиќ, нигерскиот десен бек Ани Обина и српскиот голман Јанко Гемаљевиќ, Тиквеш е многу блиску до договор и со четвртото засилување пред стартот на новата сезона во која го чекаат предизвици и на домашна и на меѓународна сцена.
Станува збор за левиот бек Срѓан Мијатовиќ, кој би требало ова лето да го засили кавадаречкиот тим пред европските настапи. Мијатовиќ е босански интернационалец и има 25 години, но има и српски пасош. Освен на левата одлично се снаоѓа и на средната бековска позиција.
Иако релативно млад, Мијатовиќ, кој потекнува од Борац Бања Лука и кој таму играше до 2019 година, има солидно искуство на меѓународна сцена. Во сезоната 2019/2020 играше за Пуенте Хенил и Виља Де Аранда во Шпанија.
Потоа две сезони ги бранеше боите на финскиот Рихимаки Кокс, со кој беше дел и од Лигата на Европа и Европскиот Куп. Ланската сезона ја почна во италијанскиот Сасари, потоа замина во швајцарскиот Берн Мури.
Во пролетниот дел од сезоната настапуваше за швајцарскиот второлигаш Бирсфелден, каде што имаше одлично остварување и на 12 одиграни натпревари успеа да постигне 62 погодоци.
Иако потекнува од Босна и Херцеговина, Мијатовиќ има и српски пасош, а настапуваше за српската репрезентација во младинските категории на две европски и две светски првенства.
Редовите на кавадарчани ги напуштија триото интернационалци – левиот бек Арнад Хамзиќ, десниот бек Лазар Петровиќ и голманот Јагош Брауновиќ, но тренерот Никола Матлиески одново ќе има квалитетен ростер и кавадаречката публика може да очекува дека тимот ќе игра важна улога следната сезона.