Вардар Неготино прослави вредна победа во битката за опстанок во суперлигашкото друштво против Прилеп со 30-28. Овој меч беше решен во последните минути, кога голманот Ацев одбрани гостински удар, а реализатор на клучниот гол беше кавадарчанецот Петров, кој погоди уште еднаш и во последната секунда за златни три бода за неготинци, кои сега имаат 16 на петтото место.
Во почетните десетина минути се играше гол за гол до 4-4, пред домаќините да искористат неколку прилики и со три гола по ред да стигнат до своето највисоко водство преку Адамовиќ, Пеовски и Петров.
Прилепчани побараа тајм-аут, и веднаш потоа намалија на 7-6 со головите на Мирчевски. Имаа гостите и напад за реми, но не погодија, потоа следуваше уште една грешка и казнија Адамовиќ и Михајловиќ за одново плус три, 9-6.
Претходната пропуштена прилика, прилепчани ја искористија во следниот обид и израмнија на 9-9 по неколкуте врзани грешки на неготинци. Не само што израмнија, туку и поведоа, па на пауза се замина со предност на Прилеп, 14-12.
Гостите беа во континурано водство во вториот дел, имаа во еден момент и плус три, а по 19-17, следуваа четири гола на Вардар Неготино за 21-19. Прилеп во меѓувреме остана без Гавашелишвили, кој имаше незгоден доскок и се повреди.
И покрај тоа предводен од Мирчевски, Прилеп израмни на 21-21. Во последните десетина минути водеше и 25-23, голманот Ангелески бранеше одлично, но и Ацев исто така на спротивната страна, па неготинци се вратија во реми.
Драмата продолжи во финишот. Прилеп поради приговор на Гамзардија остана со играч помалку, потоа имаше неправилна измена и на терен беа четворица ракометари.
Неготинци не го искористија тоа, Ангелески им одбрани два шута, па во последната минута се влезе со 28-27. Ацев одбрани шут на гостите, а Петров реализира за плус два 29-27. Прилеп брзо врати, но момците на Петар Ангелов ја задржаа топката во последниот напад до крајот и Петров го постави конечниот резултат, 30-28.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Адамовиќ со девет и Петров со осум погодоци, додека кај Прилеп се истакна Мирчевски со осум гола.