И 12 гола на Шипжак не беа доволни за ПСЖ – Елверум извади реми!

Реми, 30:30 одиграа Елверум и ПСЖ во првиот осминафинален натпревар во Лигата на шампионите. ПСЖ водеше во најголем дел од натпреварот, на моменти и со „плус 5“ во вториот дел од мечот, но Елверум имаше одличен финиш. Норвешкиот првак имаше и водство на четири минути до крај на средбата, и во последните секунди преку Јохансон погодија за реми.

Пивотменот Камил Шипжак имаше своја вечер со 12 гола за ПСЖ, но недоволно за триумф. Французите се фаворити, но за потврда на место меѓу најдобрите осум и „бркањето“ на место на Ф4 во Келн ќе мораат да се помачат на реваншот на домашен терен Елверум сезонава покажа дека знае да игра одлично и на гостински терен без разлика што беше шестопласиран во групата.

Натпреварот почна ефикасно, првите три гола за Елверум ги постигна Андре Лангас, кај ПСЖ кој имаше минимално водство стрелците беа различни. ПСЖ во 18. минута за првпат имаше плус три. До крајот на првиот дел тимот од Париз на неколку пати водеше и со четири гола разлика која беше највисоката предност за „светците“ во овој прв дел.. До крајот на првиот дел Елверум успеа да се врати колку-толку, па на пауза фаворитот од Париз водеше со 15-13.

На стартот од вториот дел ПСЖ со головите на Стеинс и фантастичниот денес Камил Шипжак после пет минути игра веќе дојде до нова највисока предност од плус пет. (20-15). После тие одлични минути на ПСЖ во кои Елверум застана во нападот следуваше период на домаќините.

ПСЖ потоа влезе во период во кој четири ипол минути беше без гол, а тоа Елверум го искористи и се врати на минус два (20:22). Со тој резултат се влезе во последните 15 минути од натпреварот. Добрата игра на Елверум продолжи и во следните пет минути, а со голот на Грендл во 20. минута дојдоа до изедначување (24:24).

На почетокот на последните пет минути Елверум дојде и до водство, кое кратко траеше ПСЖ експресно изедначи на 27:27. Тие посленди пет минути ни донесоа максимална неизвеност на минута до крајот на семафорот стоеше 29:29. Стеинс кој денес беше без промашување и со седум гола погоди за предност на ПСЖ, но Јохансон не дозволи пораз за Елверум и во последните моменти донесе реми.

Камил Шипжак беше најефикасен на натпреварот со 12 голови од 13 обиди, додека во редовите на Елверум перфектен со девет од девет беше Солстад. Имсгард на голот на Елверум мечот го заврши со 10 одбрани, а неговиот колега на спротивната страна запиша 13 интервенции.