Екипите на Струга и Еурофарм Пелистер 2 ги поделија бодовите во интересен натпревар од 8. коло од Супер машката лига откако одиграа нерешено, 30:30.
И двете екипи имаа свои моменти при што имаше и неколку пресврти, а во последните секунди од средбата имаа зицер ситуации кои не ги искористија за да дојдат до триумф, па мораа да се задоволат со по еден поен од овој дуел.
Од почетокот на средбата тимот на Струга имаше наметнато свое темпо и гостите тешко се снаоѓаа. Имаа проблеми да влезат во ритам, а тоа доведе до казнување од домашните. Во 17. минута резултатот беше 12:7 што најавуваше голем резултат за Струга. Сепак, после тајм-аутот од страна на Александар Јовиќ работите се поправија и со три гола во серија тимот на Еурофарм Пелистер 2 намали на два гола негатива.
После 12:10 следуваше период на помирна игра и до крајот на првото полувреме немаше многу промени бидејќи остана разликата од два гола, а на одмор се замина со 17:15 во корист на Струга.
Вториот дел донесе подобро отворање од страна на Еурофарм Пелистер 2. Колку што беше добар стартот на средбата од Струга, толку беа добри почетните минути во вториот дел од битолчани. Набрзина на семафорот имаше целосно поинаква распореденост на силите. Тимот од Битола имаше 24:20, но разликата од четири гола не даваше смиреност бидејќи со 5:0 составот на Струга се избори за нов пресврт. Од 25:24 следуваше главно игра гол за гол и така беше до крајот.
Во последната минута екипата на Еурофарм Пелистер 2 имаше напад за победа, но голманот на Струга, Матовиќ одбрани. Потоа на спротивната страна врати и Ристевски така што остана 30:30 и бодовите беа поделени.
СУПЕР МАШКА ЛИГА – ТАБЕЛА