Откако денеска данската федерација објави за позитивен ракометар на корона во нивните редови, исто е случајот и со Словенија, која е прв ривал на Македонија на претстојното Европско првенство.
Словенија по првите тестирања во 2022 година, пријавија по еден позитивен случај на подготовките, а станува збор за првиот голман Урбан Лесјак, клупскиот колега на Филип Кузмановски од Хановер.
Сепак Врањеш не треба да биде многу загрижен за голманската позиција, бидејќи Јоже Базник и Алјаж Пантар имаа одлични партии против Хрватска на пријателскиот натпревар, додека тука е и Урх Кастелиц.
Десниот бек Тадеј Кљун се повреди на средбата со Хрватите и веројатно заедно со Лесјак отпаѓаат од комбинација за настап на ЕП, барем за дуелите од првата фаза. Но и на десната бековска позиција Врањеш ги има Јуре Доленец и Матиц Грошељ, па нема да повикува нов ракометар.
Макеоднија и Словенија ќе се соочат на првиот натпревар во „Феникс Арена“ во Дебрецин на 13 јануари, а во меѓувреме избраниците на Љубомир Врањеш ќе одиграат уште две пријателски средби против Италија на 5 и 7 јануари.