По четири порази во низа, бундеслигаш Мелсунген се наоѓа во резултатска криза. Екипата по поразите од Бергишер, Лајпциг, Фуксе Берлин и Гумерзбах падна на 12. позиција во најквалитетната лига во светот.
Тимот се уште има шанси за подобар пласман на табелата, но за таа цел ќе треба до крајот на сезоната да го даде последниот атом од силите и да влезе во серија на победи.
Раководството на Мелсунген преку соопштение ја информираше германската јавност дека и покрај кризниот период стои зад екс тренерот на Вардар, Роберто Гарсија Парондо.
Спортскиот директор на Мелсунген, Михаел Алендорф истакна дека треба да се поддржи филозофијата на тренерот од Шпанија.
,,Промената на тренерот може да предизвика немир во екипата. Кај екипите кои постојано менуваат тренери се истакнува недостигот на конзистентност. Клучниот фактор е континуитет. За да се постигне ова е потребно време и трпение”, изјави Алендорф.
Екс тренерот на Вардар минатата сезона ја презеде тренерската функција во Мелсунген.
Тимот под негово водство заврши на 8. позиција и само за шест бода не обезбеди место меѓу најдобрите пет екипи во Бундес лигата.