Новиот селектор на репрезентацијата на Норвешка, Јонас Виле го објави списокот на ракометари за квалификациските натпревари за Европското првенство 2024, односно за првите два дуели, против Словачка и Финска.
За потсетување, Норвешка е еден од ривалите на македонската репрезентација на Светското првенство 2023, кое ќе се одржи во Шведска и Полска, па така сосема е очекувано скандинавската селекција да настапи со речиси истиот состав и на Мундијалот во јануари.
На списокот кај Јонас Виле партиципираат 22 играчи за квалификациските натпревари, а меѓу повиканите ракометари се наоѓа и Сандер Сагосен, кој, иако е повреден, сепак, ќе присуствува на првиот собир, но нема да настапи во квалификациските дуели.
Норвешка во квалификациите за настап на Европското првенство 2024 ќе игра во групата Б. Противници на Норвешка се репрезентациите на Словачка, Финска и Србија.
Квалификациските натпревари ќе стартуваат во месец октомври, а првиот дуел избраниците на Виле ќе го имаат на 13 октомври против незгодната селекција на Словачка. Три дена подоцна, на 16 октомври, Норвешка ќе игра против Финска.