И Норвежаните се согласија со вардарци – Ремито беше најреално

На првиот натпревар сезонава од Лигата на шампионите, на кој Вардар гостуваше кај Елверум во Норвешка одигра нерешено 27:27.

Тренерот на Елверум, Борге Лунд и дефанзивецот Никлас Фингрен после натпреварот се согласија со Вујовиќ и Гаџа дека нерешениот епилог е најреален за прикажаното на овој дуел.

„Мислам дека овој резултат е најкоректен. Двете екипи ја сакаа победата на овој меч, одигравме одличен натпревар,но мислам дека нерешениот резултат е реален. Им честитам на ракометарите на Вардар за коректниот натпревар и им посакувам успех во следните средби“, изјави Лунд.

Исто така и Фингрен беше краток во изјавата после мечот на официјалната прес конференција.

„Натпреварот беше многу интересен, со многу борба и многу промени на ритамот. Беше тешко да се игра денеска против Вардар, но исто така беше и многу забавно“, рече Фингрен.

Двете екипи натпреварите во Лигата на шампиони ги продолжуваат следната среда, Вардар ќе го пречека Мешков Брест, додека Елверум ќе гостува кај Кил.