По вчерашното барање на Комисијата за заразни болести и по одлуката на Владата, сите спортски натпревари во следните 30 дена да се играат без публика, се огласија и од ракометниот клуб Вардар.
Македонскиот шампион ќе ја нема поддршката од навивачите на најважните натпревари оваа сезона – реваншот против Нексе во четвртфиналето на СЕХА, како и на првиот дуел од осминафиналето на Лигата на шампионите против унгарскиот ПИК Сегед.
„Ги известуваме сите навивачи и симпатизери на Вардар дека во следните 30 денови сите натпревари на кои нашиот клуб е домаќин ќе се играат без присуство на публика.
Одлуката е донесена од Владата која забрани присуство на гледачи (публика) на сите спортски настани на територијата на Македонија, во наредните 30 дена како дел од дополнителни мерки и активности за превенција од ширење на корона вирусот по сугестија на Комисијата за заразни болести на Министерството за здравство
Истото се однесува за сениорските екипи и сите екипи во младински категории.
Поради истата мерка нема да имаат тренинзи и натпревари ниту членовите на Ракометната Академија на Вардар“, се вели во соопштението.
Вардарци славеа на првиот натпревар во Нашице против незгодниот Нексе, а в недела ќе треба да го потврдат своето место на завршниот турнир.