Машката сениорска репрезентација ја очекува настапот на Мундијалот во Полска и Шведска од 12 до 29 јануари.
За првпат на СП без Кире Лазаров, како играч, без дел од искусните ракометари, Македонија започнува нова репрезентативна ера. Така и ИХФ ја започнува најавата за нашиот мундијалски настап.
„Нова ера за македонската сениорска репрезентација, откако нивната легенда и најдобар стрелец Кире Лазаров ја заврши играчката кариера. Сепак, Лазаров не се откажа од Македонија, туку стана селектор. Недостигот на искуство можеби ќе беше проблем, но за играч со таква богата кариера, се помина перфектно – без оглед на притисокот со кој се соочуваше иако ги правеше првите чекори“, се вели во најавата на ИХФ.
Македонските ракометари се пласираа на СП преку два баражи, откако ги елиминираа незгодните селекции на Романија и Чешка.
„Повлекувањето на Лазаров како активен играч беше сигнал за нов старт на Македонија, со многу нови имиња. Лазаров почна да гради нов тим, иако во составот има и искусни имиња кој се уште се душата и срцето на тимот, со левото крило Дејан Манасков, кој се враќа во тимот. Во исто време, голманот Никола Митревски му дава друга димензија на тимот. Како и да е, на Македонија ќе и недостига Стојанче Столов, особено во одбраната, бидејќи тој се повлече од националниот тим откако му помогна да се пласира на СП“, се вели во анализата на ИХФ.
На Македонија и претстои шестото учество по ред на Мундијалите, или осмо вкупно. Најслабиот пласман го имаше на СП 2021 во Египеет, кога беше 23. место, додека на СП 2015 во Катар бевме 9. место.
На СП 2023 нашата селекција е во група со Норвешка, Аргентина и Холандија.