Интернационалната ракометна федерација и официјалниот снабдувач со топки на големите натпреварувања „Молтен“ ја презентираа официјалната топка со која ќе се игра 25. Светско првенство за жени во Шпанија.
Топката „X5000 Spain 2021 Edition“ е развиена на база на претходните топки „X5000“. Новата топка е во традиционалните бои на домаќинот на првенството Шпанија. Традиционалниот дизајн е комбиниран со „Х дизајнот“, кој го претставува пламенот и страста на натпреварувањето.
Новата Х5000 топка е развиена од премиум материјал кој овозможува подобра контрола на топката. Меката пена со која е обвиткана овозможува поудобно држење и помеко чувство при контакт со раката. Официјалната топка во повеќе модели ќе биде во продажба од септември.
Светското првенство за жени во Шпанија ќе се одржи од 1 до 19 декември, а ова ќе биде четвртто по ред на кое истиот производител ја креира и произведува официјалната топка. На ова првенство за првпат ќе настапат 32 репрезентации од светот.