Комисијата на ИХФ за судии и правила го објави официјалниот список на судии за претстојното Светско првенство во кадетска конкуренција, кое од 30 јули до 10 август ќе се игра во нашата земја. Вкупно во Скопје ќе пристигнат 42 судии, односно 21 судиска двојка.
На женскиот кадетски Мундијал ќе суди и македонската судиска двојка, Виктор Начевски и Даниело Божиновски.
За Начевски и Божиновски кадетското првенство ќе биде најголемиот предизвик бидејќи ќе полагаат за ИХФ значка. И двајцата имаат ЕХФ значка, а сега одат чекор погоре.
Во моментов само Ѓорѓи Начевски и Славе Николов имаат ИХФ беџ и се единствени македонски судии што може да судат на СП и Олимпијади. Претходно на повеќе СП и Олимпијади судеа и Марјан и Драган Начевски, а на едно младинско СП судеа и Камер Металари и Душко Камишевски.