Селекцијата на Исланд ја заврши својата работа и сега ќе чека услуга од Данска за да се пласира во полуфиналето на Европското првенство во Унгарија и Словачка. „Рибарите“ ја совладаа убедливо Црна Гора со 24-34.
Избраниците на Гудмундур Гудмундсон уште од стартот си го фатија редот. По само десетина минути Исланд водеше со 1-6 и беше јасно дека на истрошените Црногорци им се заканува катастрофа.
По 4-8, исландските репрезентативци се одлепија со четири гола во серија на плус осум, 4-12, а до паузата Црна Гора не можеше да направи ништо повеќе со безидејните напади и многуте грешки, 8-17.
Милош Вујовиќ даде два гола во серија на стартот на второто полувреме за 10-17, но Асгеирсон и Елисон вратија набрзина за 10-19. Имаа мал блесок избраниците на Зоран Рогановиќ и намалија на минус пет, 16-21, но немаа сили за нешто повеќе.
По тајм-аутот на Гудмундсон, Исланд заигра посериозно, ја зголемија предноста и ја одржуваа рутински до самиот финиш до конечните 24-34. Сега на „рибарите“ им останува да го чекаат исходот од средбата Данска – Франција и да се надеваат на триумф на Данците за и тие да се пласираат во полуфиналето.
Најдобри стрелци кај победничката репрезентација беа Омар Инги Магнусон со 11 погодоци и Бјарки Мар Елисон со осум гола од осум обиди, додека кај Црна Гора се истакнаа Милош Вујовиќ со 11 и Божо Анѓелиќ со шест гола.
ЕП 2022, ГРУПА 1 – ТАБЕЛА