Неделниот дуел меѓу прволигашите Шампион и Голден Арт 2 во салата при ООУ „Круме Кепески“ во Кисела Вода мина во знакот на два инциденти, еден вербален и еден физички, па морала да интервенира и полицијата и брза помош. За едниот инцидент ќе следи соодветен поднесок од страна на МВР бидејќи биле вклучени играчи од ист тим кои меѓусебе се истепале веднаш по средбата во соблекувалната.
Иако ретко се случува играчи од ист тим да се степаат по завршување на меч, сепак, тоа било епилогот од несогласувањата на двајца играчи на Шампион, кои имале физичка пресметка во соблекувалната и поради последиците морала да реагира и брза помош чија екипа веднаш пристигнала по пријавата за тепачка и повредени..
Според информациите на 24ракомет во инцидентот биле вклучени соиграчите Александар Велјановски и Илија Пејковски, а очевидци потврдиле дека едниот од играчите морал да прими лекарска помош бидејќи имал видливи повреди по лицето. Дека имало физички напад по меч во спортската сала во Кисела Вода се потврдува и во билтенот на МВР.
,,На 07.05.2023 во 14.45 часот во СВР Скопје, А.В.(21) од Скопје пријавил дека во спортски објект на подрачјето на Кисела Вода бил физички нападнат од И.П.(20) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок, се вели во соопштението од МВР.
За време на натпреварот вербална расправија имаа двајцата тренери Слободан Чивлачки и Филип Глигоров, па така судиите Сања Божиновска и Дамјан Савиќ имаа голема работа. Чивлачки заработи црвен картон и не беше во можност да им дава совети на своите избраници во вториот дел, додека на тренерот на Голден Арт 2, Глигоров му беше доделено само исклучување од две минути.
Во истата сала сезонава имаше слична тепачка меѓу играчи од ист тим, но во Супер лигата меѓу Јуниор Кисела Вода. Тој инцидент беше по средбата меѓу Јуниор КВ и Еурофарм Пелистер 2.