Големо изненадување за многумина беше кога на почетокот на јуни годинава првиот човек на РФМ, Живко Мукаетов го именуваше Љубомир Савевски за координатор на сите женски репрезентации. Стратегот кој една деценија комплетно апстинираше од ракометни активности го прифати предизвикот и слободата од три месеци која му беше дадена да работи со младинките и кадетките за ЕХФ Шампионатите. На довербата одговори беспрекорно – кадетската селекција го освои Шампионатот во Литванија и со тоа го врати македонскиот женски ракомет на големата сцена. Освојувањето на златото значеше дека Македонија ќе игра на Европското првенство за кадетки и за младинки во 2023 година, односно на кадетското Светско првенство во 2022.
Младите генерации, оние кои летово Савевски почна да ги води, не знаеја многу за квалитетите на својот тренер. Популарниот Цевак повозрасните го паметат како човек кој со идеите секогаш бил пред своето време, визионер, но истовремено и бунтовник. Самиот за себе вели дека има „жута минута“ во неговото однесување и работи преку кои не може да премине. Професионалец кој знае колку вреди и колку може. Единствено му е потребна слобода, поддршка и услови за работа, а во овој случај тој имаше сè (вели: “Како никогаш досега!“) и постави некои основи на кои женскиот ракомет треба да продолжи да расте.
Интервјуто за 24Ракомет се совпадна со уште еден убав јубилеј за него, месецов прави 50 години од неговата прва регистрација како професионален играч во Вардар. Четири децении е дел од македонскиот и југословенскиот ракомет. Од матичниот 11 Октомври преку „црвено-црните“ редови, десниот бек е запишам во историјата како прв македонски играч кој заиграл во Бундеслигата, но по два месеци клубот банкротира. Најголемиот дел од играчката кариера го минал во Франција, а смета дека врвот го достигнал уште на 19 години кога бил и југословенски младински и А репрезентативец и на радарот на сите големи клубови во тоа време, Металопластика, Црвена Звезда, Ниш… Повредата на шутерското рамо која ќе го мачи подолго време ќе биде причината што нема да има многу среќа во богатата играчка кариера.
Како тренер пак може да се пофали дека ги водел сите скопски клубови, од Вардар и Металург, Кометал Ѓ.П., Пролет, Работнички и Кале, седел и на клупата на Пелистер и Богданци. Три пати бил селектор на машкиот А национален тим и во тие периоди паралелно ги води и кадетските и младинските селекции. Генерацијата на Лазаров и Мојсовски како младинци во 1997 година ќе ги предводи на историското учество на СП во Трабзон. На СП 2007 во Франција ќе биде селектор на женскиот А национален тим. Работи и во клубови во Италија и Германија, бил селектор на Саудиска Арабија, потоа на сите машки селекции во Турција. Последниот ангажман во имаше во РК Вардар во 2011 година кога донесе одлука комплетно да се повлече од ракометната сцена.
Сега доби нова шанса и ја искористи максимално, и потврди дека потегот на претседателот Мукаетов бил во вистинско време и на вистинско место, а тоа најдобро можеше да се забележи на задоволните и насмеани лица на приемот по враќањето од Литванија.
„Ова што го постигнавме е голем успех! Но мора да се разбереме, ова беше ’иницијална каписла’, најголемата и најтешката работа допрва ни претстои. Резултатот кој го постигнаа кадетките ни отвори учество на три големи натпреварувања каде играат силни репрезентации скандинавски земји, Франција… и ќе мора многу посериозно да си ја сфатиме работата. Ако на ова се додаде и фактот дека сениорките имаат ЕП следната година на кое сме домаќини тогаш тешкото допрва доаѓа. Не бевме свесни, а и уште не сме свесни за она што го направивме. Обезбедивме учество на три првенства, што значи дека уште две години ќе се натпреваруваме со овие генерации и имаме цели и предизвици пред нас кои ќе бараат многу подготовки, тренинзи и натпревари, но тоа ќе ни даде шанса да го кренеме нивото на женскиот ракомет. Сега веќе постои атмосфера, а Федерацијата дава услови како никогаш досега и од тука тргнува сè! Горд сум и среќен кога ги гледам тие озарени лица на девојчињата, како ја пееја химната, како славеа и се радуваа, претседателот кој беше толку среќен, како да сме освоиле СП“, вели Љубомир Савевски и додава: „Успехот на кадетките е производ од само 58 дена работа. Морам да потенцирам дека тоа не го направив јас сам! Во овој процес најмногу заслужни се девојките кои напорно тренираа, особено оние седум кои имаа двојни подготовки и беа вклучени во настапот и на двете селекции. Федерацијата за условите кои ни ги даде, клубовите и тренерите кои со години работеле со овие деца. Големата жртва за мене и за сите мои соработници кои се откажаа и од фамилиите во тој период. Имав неизмерна поддршка од сите. Да, јас бев креатор на идеите и на тоа како ќе се работи, но ги спроведував со огромна помош. Јуле (Црвенкоска) го водеше сама тимот во финалето и одлично си ја заврши работата. Затоа што е добар соработник и затоа што сè што беше договорено на состанокот пред мечот го спроведе. Тања Андрејева не беше со нас, но голманите беа едни од најдобрите. Аце Станковски работеше многу на физичката подготовка и тоа се покажа како многу важно. Бевме тим кој заедно го создаде успехот! Ова е воодушевување и треба само да биде едно скалило од каде треба да одиме нагоре. Мора да сфатиме дека не треба да сме суетни, туку да се обединиме и заедно да бидеме во оваа игра. Мора сите да сме сплотени. Ова е заедничко дело и во иднина треба да растеме уште повеќе.“
Многу работа го чека Савевски во иднина, но она што прво мора да стори е да види во која насока ќе продолжи соработката со РФМ.
„Веќе добив некои ветувања од претседателот Мукаетов и мојот разговор со него би бил во таа насока, да поставиме високи таргети за предизвиците кои нè очекуваат. Имаме полни раце работа во следниот период, но со добра организација и соработка мислам дека сè можеме да направиме. Врската стручен штаб – Федерација – клубови ќе биде многу важна, затоа што реално клубовите се многу важен фактор во овој процес. Мора да работиме сите заедно, да ги следиме девојките, да селектираме. Овие девојки кои ги имам плус уште пет-шест и доколку успееме да направиме простор за повеќе и почести собири во годината, тоа ќе значи многу. Затоа што со два собири во сезоната не може да се направи ништо.“
МЛАДИНКИТЕ СЕ ДРЖЕА ПОРЕЗЕРВИРАНО
Младинската репрезентација имаше исто така шанса да направи успех, таа беше и домаќин на ЕХФ Шампионатот во Скопје, но многу фактори влијаеја – помалку време за подготовки, некомплетен тим, но и фактот дека со воздржаност гледаа на Савевски, кој реално беше непознаница за нив.
„Малку беше времето за младинките да направат нешто, иако бевме на добар пат. Од оваа дистанца, ни недостасуваа играчи, не бевме комплетни. Да знаев дека сестрите Коцеви се таков квалитет ќе ги земев и со младинките, па макар само да тренираат. Секако и Дуковска и Младеновска ќе имаа поголема минутажа, но тие уште не беа подготвени. И Ризовска од Феникс која не ни играла сезонава. Овие девојчиња се откритие може не само на првенството туку и во македонскиот ракомет воопшто, нови бисери кои се појавуваат. Внимателно селектиравме. Сакав играчи кои играат во два правци. Модерниот ракомет бара нешто кое уште не се применува кај нас, а тоа е математичка селекција, но ние не можевме да го постигнеме тоа, ограничен е квалитетот. Работевме многу и со двете селекции, но имаше разлика меѓу младинките и кадетките. Кај кадетките имаше поубав фитбек, поотворено срце и повеќе беа подготвени да прифатат. На почетокот девојките стоеја на дистанца, со резерва, се чувствуваше тоа. Девојчињата не беа ни свесни дека во таа резервираност загубивме време. Немаше импулс во однос на нивната подготвеност да прифатат сè, имаше и коментари ’Од каде дојде овој сега’, но тоа сметам дека се коментари од клубовите, можеби од завист дека тие не се на моето место. Мене не ме тангираше тоа, но се одразуваше на девојчињата. Јас сум и психолог и многу сакам да држам состаноци, мислам дека менталниот склоп е многу важен да се убедат ракометарките дека се добри, а ако навистина има квалитет и ако го сфатат тоа, тогаш нема проблем. Со младинките не го издржавме темпото, но во тоа успеавме со кадетките, а двојните подготовки и фактот дека подолг период минаа заедно го направи своето. Моја омилена фраза беше дека можеме секого да победиме и тоа се покажа, колку и да е поквалитетен ривалот, ако се сака, сè се може и ако се има дисциплина. Приказна со таткото со 12-те сина, кои се карале им ја кажував. Таткото земал 12 стапчиња и ги кршел едно по едно, но кога се обидел да ги скрши сите 12 заедно, не можел. Само тоа е начин да се успее – заедништвото. И на почетокот ме гледаа чудно, сигурно си велеа која е оваа будала, но јас видов дека има во нив ’глина за моделирање’ и кога го прифатија тоа кадетките играа храбро и без страв. Со младинките и како домаќини судиите не нè промовираа многу, на одлучувачкиот меч со Фарски Острови на двапати реализираме погодоци, а судиите нèвраќаа да шутираме пенал кои ги промашивме. Да победевме и со нив ќе игравме во полуфинале.“
КОЈ САКА ВО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА ТРЕБА ДА РАБОТИ НА СЕБЕ
Љубомир Савевски иако има функција координатор, сите веќе го именуваат како селектор, кој откако одлично си ја заврши работата со младите селекции, се прашуваме што може да стори за сениорките кои следната година ќе бидат домаќини на едно Европско првенство.
„Имав неколку разговори со дел од сениорките кои летово беа во Македонија. Сакав да ги видам нивните размислувања, дали се подготвени за новини и да видам каде е проблемот, затоа што сите со кои зборував велат: ’Ние играме сите во добри клубови во странство и кога ќе дојдеме тука како да не знаеме да играме’. Не можам да сфатам која е причината поради тоа. Доколку јас бидам селектор ќе има многу новини во составот и од кадетките и од младинките. Мој став е дека е потребна свежа крв. Исто така ќе поставам некои стандарди, кои мора да се исполнат доколку сакаат ракометарките да се најдат во составот. Тоа е неопходно за да имаме квалитетна селекција на ЕП. Ќе мора да минат тест за физичка издржливост, затоа што тоа ќе биде првиот услов што ќе го барам – исклучителна физичка подготвеност. Од нив барам да бидат физички подготвени, а ако нема резултати тогаш јас превземам одговорност. Да бидам искрен, не беа сите девојки од младите селекции среќни, оние кои не играа не беа задоволни, но им реков – не сме социјално друштво, ние бараме резултати и имаат простор од месец дена до следниот собир на него да се појават подготвени за да добијат простор за игра. Сметам дека може костурот и на сениорките да биде 60 посто домашен, а интернационалките да ни се приклучуваат. Се уште не го знам целосниот квалитет, но сите ќе добијат простор и време да ме убедат дека се подготвени и дека можат да помогнат. За кусо време А тимот ќе ги има првите тестови со Црна Гора и Словенија, па ќе видиме до каде ни е силата, а од таму и што ќе може да спроведеме од идеите кои ги имам.“
СИСТЕМОТ МОЖЕ ДА МУ ПОМОГНЕ НА НАЦИОНАЛНИОТ ТИМ
Го прашав Савевски дали како координатор може преку Федерацијата да наметне некој унифициран систем по кој клубовите би работеле во служба на националниот тим, но тој има поинакво решение.
„Не може да се наметне унифициран систем, секој клуб си има свој спонзор и своја политика на водење и не може да им се мешаме во тоа. Но во однос на натпреварувачкиот систем можеби може да се лобира, да се избегнат или намалат дуелите со понеквалитетните екипи. Да се игра некој можеби плеј-оф систем во кој најдобрите четири повеќепати би играле меѓусебе. Секако, и да се остави повеќе простор за репрезентација, за онаа Б-репрезентација, без интернационалците. Да имаме на одреден период пауза во првенството и простор од десет дена за кадетки, младинки и оние кои се во А тимот, а играат домашно првенство. Така ќе може да се направи сервис на А тимот, ќе можеме да владееме со нашите идеи. Затоа што многу е потешко остварливо кога ќе дојдат и интернационалките и ќе имаме само пет дена тренинзи. Со ваков систем, веќе реков, основата на тимот, односно 60 посто ќе дидат домашни ракометарки и само овие кои играат во странство ќе се вклучат. Промените се важни и клучни.“
КЛУБ-РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА ОД МЛАДИ НАДЕЖИ
За многумина клуб-репрезентација е најдоброто решение за успех на македонскиот женски ракомет, но координаторот за женските младински селекции смета дека може да се направи такво нешто, но со млади надежи.
„Клуб – репрезентација е сплет на многу среќни околности. Потребна е управа и клуб кој ќе мисли само за тоа квалитетот на работа и интересите на македонскиот ракомет да бидат на прво место. Единствен услов за такво нешто би било да биде клуб само со македонски играчи и под капата на Федерацијата каде нема да се мешаат личните интереси на некои спонзори или бизнисмени. Тоа е најидеално, но нема да биде објективно. За тоа треба и клубовите да имаат волја и сенс, а не знам дали се подготвени да го направат тоа. Може таква клуб-репрезентација од млади надежи е нешто најреално. Најперспективните играчи од пионерко-кадетска генерација. Интересно и остварливо. Тие и вака и така ’греат клупа’ во сериозните клубови, а во ваков случај може да се натпреваруваат во младински категории. Да бидеме реални, ниту еден клуб кој брка излез во Европа, некаков успех или ваучер нема да сака да се откаже од играч.“
ДЕСЕТ ГОДИНИ НЕ ВЛЕГОВ ВО САЛА
Природата на бунтовник и на човек кој стои зад своите одлуки, пред десет години го тргнаа Љубомир Савевски од ракометот, а сега тој му се врати. Причината е што истите идеи кои Цевак ги имал пред 27-28 години сега имаат „почва“ за да бидат реализирани, а иницијаторот е спортскиот директор на репрезентациите, Левче Китевски.
„Причината поради која се откажав од ракометот пред една деценија е што кога отидов да си го проверам стажот и видов дека само четири години и седум месеци имам стаж, се разочарав! Целиот живот и како играч и како тренер бев професионалец, секаде земав пари, но никаде не бев здравствено и пензиско осигуран. Сфатив дека јас нема да можам да стигнам до пензија. Цел живот играв, трчав, давав, а на крајот на денот немав ништо од тоа. Десет години воопшто не влегов во сала! Гледав натпревари на ТВ, следев се што се случува, но апстинирав од одење на натпревари, дури не знаев ниту ’Јане Сандански’ како изгледа внатре. Отидов во некои други води, здрава храна, станав веган, тука најдов задоволство, сам себе се тестирав. Се посветив на себе си, немав никакви обврски, бев слободен и мислев дека никогаш повеќе нема да му се вратам на ракометот. Спортскиот директор Левче Китевски, уште лани откако го назначија на функцијата ме побара да се видиме неколкупати. Пиевме кафе, чисто неформално дружење, мудар беше, знаеше дека ако ми предложи нешто ќе го одбијам. Проектот на Кирил Лазаров, беше она за што прво зборувавме. Луѓето во ракометот имаат исти или слични идеи, и јас сум размислувал на таа тема и проектот ми беше интересен и посакав да бидам вклучен во него, односно дека стојам на располагање и дека сакам да помогнам, без функција или паричен надоместок. Потоа Левче ми вели: ’Сите викаат дека женскиот ракомет е паднат’… ’Ајде да те однесам кај претседателот да се видите’… Прифатив состанок со Живко Мукаетов на кој видов еден човек полн со енергија, полн со разбирање, внимателно ме прашуваше за некои идеи, го интересираа моите размислувања, за тоа како и што сум работел порано и ми кажа дека многу луѓе му потенцирале дека само Савевски може да помогне, но дека сум незгоден и дека имам ’жута минута’ (се смее). Му објаснив дека таа се должи на тоа што не сакам кога во еден проект има мешање и кога нешто не се завршува до крај и само се поставуваат работите за да се постигнат поени. Никогаш не сум сакал да бидам дел од нешто само материјално. Професионалец сум, сакам да бидам платен, но никогаш не ме влечеле само парите, туку и резултатот. По половина час ми пружи рака и ми вели ’Дај рака да почнеме да работиме’. Ме изненади, јас не бев ни сигурен во себе! Сум бил надвор од ракометот толку долго. Тој ми предложи да биде соработката на три месеци за да видам и јас, а и Федерацијата дали ќе биде задоволна од мојата работа и може и тоа е една од причините што се согласив да работам. И така почна приказната. Месец дена снимавме, ги следевме девојчињата, видео материјали, подготвував терен. Многу е тешко да се вратите по пауза од цела деценија, имав голем проблем, од стрес немав сон, спиев само по два часа во денот, не бев сигурен дали ќе можам да одговорам на задачата. Кога почнавме со тренинзите и со помош на директорот и на другите тренери се опуштив малку.“
Ракометот не е ист од пред 10 години, но дали ги трансформиравте идеите или го задржавте стариот принцип на работа?
„Десет години бев надвор од ракометот и секако дека беше потребно да ги модифицирам методите на работа, но законитостите за начинот на подготовка мора да се следат. Како коинциденција во последно време следев многу женски ракомет, особено унгарската лига и ме воодушеви тоа темпо на игра, брз центар, брза топка, 60 минути трчање напред – назад. Си велам тука има тајна во подготовките и дека треба да се размислува многу за тоа, начинот на подготовките. Ако сакаш да играш брзо, треба и да тренираш брзо. Се потрудивме да спроведеме дел од тоа во нашата работи и мислам дека изгледавме малку поинаку за разлика од претходно, Изненадивме, и иако јас сум воодушевен од она што го направија девојките, факт е дека тоа е далеку од она што го размислувам. Велам проблем ни беше ротацијата, плус не смеевме да експериментираме кога играме ЕХФ Шампионат. Ова е само основа, се обидовме да правиме нешто што е модерно, но далеку сме, имаме многу работа.“
РК АЛКАЛОИД Е ИДНИНАТА НА МАШКИОТ РАКОМЕТ
Љубомир Савевски во ова интервју и самиот призна дека проектот РК Алкалоид, во кој е вклучен и Кирил Лазаров, е оној кој првенствено го вратил на ракометот, а деновиве е веќе познато дека тој ќе биде и тренер на екипата.
„Кога ме наговараа да почнам со работа, идејата во прв план беше РК Алкалоид и соработката со Кирил Лазаров на овој проект. Потоа разговорите прераснаа во тоа да формираме фамилија, луѓе со слични идеи кои ќе работат заедно за доброто и на машкиот и на женскиот ракомет. Да работиме заедно и сите структури да придонесат за општ напредок на ракометот, пред сè на репрезентативен план, а не од лични интереси. РК Алкалоид сметам дека е иднината на машкиот ракомет. Бев изненаден од квалитетот кој го имаме кога отидов на тренинг на младата репрезентација каде 30-тина играчи тренираа. Целта на Алкалоид не е да биде шампион на Европа, туку тоа е проект за помош на македонскиот ракомет, кој ќе им помогне на младите ракометари да стигнат до ниво по кое ќе може да ’одлетаат’. Замислено е клубот да биде средина во која ќе се создадат квалитетни македонски играчи кои потоа ќе може да играат во големи европски клубови. Или, пак, да останат дома, во клубови како што се Вардар, Еурофарм Пелистер… Колку имаме поквалитетни играчи кои играат во врвни клубови, толку подобра ќе биде репрезентацијата. Тоа е она што ме привлече во проектот“, објаснува Савевски, а со тоа и меѓу редови го потврдува ангажманот: „Со Лазаров имаме многу заеднички идеи за начинот на кој треба да се спроведат работите. Имавме и неколку разговори за младинските конкуренции. Мојата работа ќе биде да се постави основа и да се стави во функција овој проект.“
АКО КЛУПСКАТА РАБОТА МИ ПРЕЧИ ВО СЕЛЕКТОРСКАТА ЌЕ СЕ ОТКАЖАМ
Нема ли да Ви пречи двојната функција – тренер во РК Алкалоид и селектор или координатор на женските национални тимови?
„Креиравме мобилен стручен штаб, кој ми дава за право да работам без проблем и на двете задачи. Јуле Црвенкоска, Андрејева и Станковски се тимот на кој можам да се потпрам, од друга страна Бранче Ангеловски и Билјана Црвенкоска ќе бидат исто така во клубот. Доколку почувствувам дека работата во клубот ми пречи во работата во националниот тим веднаш ќе се откажам од клупскиот ангажман. Се сметам за визионер, сакам да поставувам цели, да се надоградувам, да одиме напред, 30 години имам вакви идеи и сега чувствувам дека конечно има и слух и желба и услови за да се спроведат. Малку брзам, односно сакам да го забрзам процесот на некои работи, треба да ги пресликаме успешните работи во нашиот ракомет, а не да измислуваме ’топла вода’. Имам шанса паралелно да спроведувам идеи за модерен ракомет и во клуб и во репрезентација и да учествувам во проект кој од секогаш сум го сакал. И се надевам дека со ова може да имаме само прогрес.“
ЗБОРНИК СО ВЕЖБИ И РАКОМЕТЕН ДОМ
Интересна идеја има Савевски за создавање на ракометна скрипта со која ќе се изгради препознатлива македонска школа, а потенцира и дека ракометен дом, односно сала, која ќе може да се користи колку сакаат и кога сакаат националните тимови и уште еден неопходен момент.
„Веќе 20 години имам идеја за создавање на еден Зборник со најдобри вежби. Како скрипта која ќе им биде помош на тренерите при работата. Селектори, ракометари, интернационалци и репрезентативци сите ние имаме искуство и знаеме илјадници вежби. Мислам дека во една скрипта треба да ги собереме најдобрите 100. На пример десет за одбрана, десет за напад, десет за финта… Да има во неа се што му е потребно на еден млад играч и така да изградиме една препознатлива македонска школа. Со неделна програма за работа. Најголемиот дел од нашите тренери се образовани, ова ќе биде само како подолнително помагал во изборот на вежби или на стратегија. Истовремено потребно е да имаме ракометен дом, односно сала со која ќе управува Ракометната федерација на Македонија. Тоа е основната алатка, суштинска за иднината на македонскиот ракомет. Да имаме сала во која ќе може да тренираме колку што сакаме, кога сакаме и како сакаме. Мислам дека РФМ веќе работи на ова прашање.“
НЕ СУМ ПРОФИТЕР, ИМАМ ВИЗИЈА ЗА НАПРЕД
За многу кусо време Цевак ги замолкна оние кои беа скептици и не веруваа дека на македонската ракометна сцена има место за некој кој десет години апстинирал од ракомет.
„Оние кои ме знаат и ја знаат мојата работа исто така знаат и дека 24/7 сум во ракометот и целосно се предавам затоа што немам други обврски. Дали е тоа квалитетно или не, секој има право да коментира. Имам визија за напред и доколку не можам да ја исполнам ќе се повлечам сам. Ќе оставам мојата работа и резултатите да зборуваат сè! Не сум профитер, иако секогаш сум бил добро платен за мојата работа. За мене не е се во парите, сакам резултати и успех – тоа ми е главниот мотив.“