Еурофарм Пелистер предводен од средниот бек Јосип Периќ е во голем налет во Европската лига. Репрезентативецот на Босна и Херцеговина е во моментов најдобриот стрелец на „фармацевтите“ во европскиот куп. Од него може да се каже и дека тргна пресвртот за битолскиот тим, со оној погодок во последната секунда од далечина против Кадетен Шафхаузен кој донесе први бодови од едно гостување по неколку сезони. Периќ е и прв странец кој по подолго време ја добил привилигијата да ја носи капитенската лента на битолскиот тим, а со неговиот перформанс апсолутно сака да се оддолжи на таквата чест. Втора сезона го носи дресот на Еурофарм Пелистер и потенцира дека од особена важност за него е да донесе титула во Битола.
Јосип Периќ е роден во Загреб (во сплет на некои околности) но целото свое детство го минува во Љубушки, каде и почнува неговата ракометна приказна. Како дете тренирал и кошарка и фудбал, но со оглед на тоа дека Љубушки е познат како ракометен центар природно доаѓа да се насочи на ракометот. Среден бек е позицијата на која ја почнува и која ја задржува и до ден денеска. Тој се „кали“ во Извиѓач и Босна, додека унгарска Татабања е неговото прво интернационално искуство. На млади години има една авантура во Катар (сезона ипол), а потоа се враќа на европско тло – Романија (Одорхеи и Дунареа). Голема сатисфакција за Периќ претставува двегодишното искуство во Германија, каде играше за бундеслигашот Гепинген и од каде и дојде во Еурофарм Пелистер.
Периќ е скромен, одмерен на зборови, но истовремено со голема леснотија го направивме интервјуто. Посветен е на семејството – сопругата и синот, кои се неговиот фокус. Вели дека се труди да живее мирно и нормално, слободното време е резервирано за семејството, а кога има можност патува дома, во БиХ или родителите доаѓаат во Битола. „Градот на конзулите“ веќе има посебно место во срцето на Јосип, неговиот син е роден тука, но воодушевен е и од Охрид и Струга, кои веќе ги посетил со фамилијата, како и Маврово и Скопје.
Со оглед на густиот распоред на сезоната босанскиот интернационалец во последно време нема многу шанси за прошетка низ Македонија. Сака да се опушти на кафе со пријателите или соиграчите, добра книга, филм или серија. Ритуали пред натпревар нема и вели дека се труди на денот на мечот што помалку да мисли на ракомет за да биде опуштен и да може да го одработи своето на теренот.
По година дена минати во Битола, Периќ делува дека знае точно која е неговата мисија тука.
„Кога го освоивме Суперкупот во почетокот на сезоната, што е прв трофеј во Битола по 16 години, сфатив каков голем момент е тоа и за клубот и за навивачите и така и го почувствував. Лани можеби и поради пандемијата, празните трибини и сите околности го немав вистинскиот впечаток за тоа каков ракометен град е Битола, но сега, со навивачите на трибини, се ми е јасно. Публиката на трибината носи нови погледи за ракометот во Битола. Затоа се надевам и верувам дека ќе донесеме барем уште еден трофеј во Битола! Тоа ми е желба и на тој начин да се заблагодарам за поддршката, за сè она што го правиме, тоа ќе биде награда за сите нас.“
ДОБИВАМ ПО НЕКОЈ СОВЕТ НА ШИРОК СОКАК
Средниот бек вели дека брзо се адаптирал на Битола и дека градот веќе има посебно место во неговото срце затоа што неговиот син е роден тука. Не се чувствува како ѕвезда иако голем број навивачи знаат да го застанат на улица и да зборуваат со него за ракомет, па дури да му дадат и некој совет.
„Не ми беше тешко да се навикнам на животот во Битола. Ние сме Балкан, блиски сме по менталитет, а и убаво бев прифатен. Мал град, се ни е при рака. Битола ќе има посебно место во нашето срце затоа што со сопругата тука го добивме и синот Ивано. За Битола ќе ме врзуваат само убави спомени. Се трудам да живеам нормален живот, но ова е (по)мал град, сите се знаат. Ме застануваат понекогаш на улица, разговараат со мене, добивам и по некој совет! (се смее) Секој има некоја идеја, но тоа е симпатично и убаво и не ми пречи.“
КАПИТЕНСКАТА ЛЕНТА Е МОТИВ
Периќ е првиот странец кој по подолго време носи капитенска лента во Еурофарм Пелистер и вели дека е почестен, но и дека тоа за него е дополнителен мотив.
„Кога клубот ми ја соопшти веста на почетокот на сезоната се почувствував почестен. Особено што по само една сезона мината во клубот добив таква чест и привилегија да бидам капитен. Тоа е нешто големо за мене и ми дава дополнителен мотив да бидам уште подобар и уште подобро да ги водам момците и многу сум благодарен и на клубот и на играчите што ме избраа мене. Од мене се очекува да ја водам екипата не само затоа што сум капитен, туку и затоа што мојата позиција е таква. Треба некои работи да се организираат, како ќе функционира нападот, тоа е моја должност. Лентата е само дополнителен мотив, не почувствував притисок. Се трудам особено на младите играчи да им дадам некој совет, најчесто кога сме во некоја криза, мислам дека тие се наша сила и иднината на клубот. Има и поискусни и повозрасни играчи од мене кои знаат сами да се измотивираат.“
ВО ШАФХАУЗЕН КАКО ДА РЕКОВМЕ „ДОСТА Е ВЕЌЕ!“
Сезоната на Еурофарм Пелистер во Европската лига стартуваше лошо, со пораз од Ним дома, а потоа на гостувањето кај Кадетен Шафхаузен тимот имаше негатива од осум гола на полувреме. Одеднаш како да „кликна“ нешто во редовите на „фармацевтите“ и гледаме еден поинаков тим.
„Имавме еден период, кој беше многу тежок за нас. Колку и да трениравме, колку и да работевме ништо не ни одеше од рака, тоа се чувствуваше и внатре во играта и тогаш некако сè се случи спонтано. Како по она прво полувреме во Шафхаузен да си рековме ‘доста е веќе’ и почнавме да играме и последните два европски дуели играме како комплетно друга екипа, со многу срце, повеќе тимски. Имаме врвни голмани, одлична одбрана која е нашата најголема сила и таа ни дава уште поголема енергија во нападот и некако сè си дојде на свое место и многу подобро играме, навистина сум задоволен како изгледа сè во последно време.“
Се случи нешто посебно во соблекувалната на полувреме во Шафхаузен?
„Знаете ние најдобро чувствуваме кога не играме добро и секој од нас се обидува да најде начин како да се мотивираме и да го извлечеме најдоброто. Сите сме со различни карактери, некои потемпераментно, некои помирно реагираат за тоа што треба да се направи, да се смени. Во второто полувреме Кадетен беа поизморени, немаа доволно играчи во ротација, нивниот голман престана да брани, нашиот почна и беше слична ситуација како претходната сезона во Битола. Скоро сличен меч, само сега во наша корист, ние бевме во налет, тие паѓаа и успеавме да стигнеме до бод.“
И сега Еурофарм Пелистер игра со сосем поинаква енергија.
„Да да! Особено на мечот со Татабања и атмосферата беше врвна, навивачите се нашиот осми играч. Таква силна поддршка, колку што го спуштаат противникот, толку нас не креваат и не мотивираат и мислам дека тоа е и дополнителна причина што толку добро играме сега и многу сум благодарен што имаме таква поддршка од трибините. Ние како клуб од почетокот на сезоната имаме некои амбиции и знаевме дека распоредот ни е малку лош во првите три кола, но мислам дека извадивме максимум од тие натпревари. Нас приоритет ни е да ја минеме групата, но според она што го покажува екипата во последните натпревари можам нескромно да кажам дека очекувам многу повеќе. Особено доколку продолжиме вака да играме мислам дека можеме многу далеку да стигнеме, а и зошто да не? Треба да се искористи ваков момент.“
Следен е Спортинг, актуелниот лидер во групата.
„Спортинг исто така имаше одличен старт. Тоа е супер екипа, играат добар, модерен ракомет, но ние се подготвуваме, анализираме, гледаме видео и сигурен сум дека подготвени ќе влеземе во мечот. Нема дилеми дека ќе биде тешко и незгодно гостување но екипата е сме во добар налет и очекувам добар меч.“
ЌЕ НАПРАВИМЕ СĖ ДА МУ ЈА ЗЕМЕМЕ ТИТУЛАТА НА ВАРДАР
Со секоја почит кон останатите тимови, јасно е дека Еурофарм Пелистер и Вардар се оние кои го имаат главниот збор во трката по титулите во домашното првенство и Куп. Истото го мисли и Периќ.
„Еурофарм Пелистер се труди секој меч, без разлика дали играме дома или во Европа да сме најдобро подготвени. Го респектираме секој противник и имаме добар старт во домашното првенство. Загубивме единствено на тешкото гостување во Скопје кај Вардар. Без да ги потценам другите екипи, мислам дека ние и Вардар сме главни фаворити за титулата. Амбициите на клубот се јасни – сакаме по 16 години да донесеме титула во Битола и да ги направиме среќни и нашите навивачи, но и за нас самите. Ќе направиме сè што е во наша моќ за да му ги замрсиме сметките на Вардар и конечно да бидеме прваци на Македонија.“
БИТОЛА ЗАСЛУЖУВА ВИСТИНСКИ СПОРТСКИ ЦЕНТАР
Еден од главните проблеми со кои се соочува Еурофарм Пелистер е можеби салата „Боро Чурлевски“, која и покрај сите реконструкции, промени и „шминка“ кои ги претрпе годиниве е далеку од вистински спортски центар кој го заслужува Битола.
„Секој клуб се бори со некој свои проблеми и јас не сум бил во клуб досега кој нема проблеми. Што се однесува до Еурофарм Пелистер, зад себе има луѓе кои го даваат својот максимум. Салата би можела да биде подобра, тоа не е спорно и ако утре дојде Лига на шампиони да се игра во Битола верувам дека многу работи ќе се сменат. Сигурно има простор за напредок, но од другата страна луѓето даваат сè од себе за ние играчите да имаме подобри услови затоа што на крајот на краиштата играчите се тие кои го носат резултатот.“
НЕ ЗНАМ ДАЛИ ЌЕ ОСТАНАМ ВО ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР
Двогодишниот договор на Јосип Периќ со Еурофарм Пелистер завршува на крајот на оваа сезона. Средниот бек, кој летово беше желба на Загреб, Лајпциг и Ст. Рафаел, се уште нема јасна слика дали ќе остане во Битола или ќе ја смени средината.
„Вистина е дека летово имаше некои понуди, но имав договор со Еурофарм Пелистер и одлучив да го доработам, а и зошто да менувам нешто што е добро. Не размислував за заминување од Битола, а така е и сега. Јас сум уште играч на Пелистер и сакам да си го одработам коректно договорот. Во моментов немам никаква одлука за иднина. Имам уште една година тука, имаме некои цели кои треба да се исполнат, приоритет ми е Пелистер и и засега само за него размислувам. Нема ништо конкретно ни за останување, ни за заминување. Би сакал да останам, но што ќе донесе иднината не можам ништо да кажам.“
ЕУРОФАРМ РАСТЕ ВО ЕВРОПСКИ КЛУБ
Хрватскиот стратег Жељко Бабиќ е една од причините што Јосип Периќ доаѓа во редовите на Еурофарм Пелистер, а ракометарот потенцира дека покрај него тој пораснал и како играч.
„Втората сезона во Гепинген, по настапот на ЕП имав повреда, а кога се вратив во игра почна короната. Потоа сè се измести и се беше неизвесно како во клубовите, така и на трансфер-пазарот, несигурно некако. Во тој период ми се јави Жељко Бабиќ ми ги кажа своите планови и проектот на клубот, кој има високи амбиции, потоа во тимот дојдоа некои играчи со кои имам соработувано и претходно, а и дел од оние кои веќе играа во Битола ги познавав и во разговор со нив повеќе сакав да дојдам во Еурофарм Пелистер отколку некаде на друго место. Знаев дека играме Европа, дека ќе му бидеме конкуренти на Вардар за титулите и тоа беше примамливо и излезе дека е ‘полн погодок’ и навистина сум задоволен и воодушевен и мислам дека ја донесов вистинската одлука. Луѓето се многу амбициозни, имаме добра екипа, одлична управа и навивачи и тоа е некако нормален развој на клубот за да играме на исто ниво со другите европски клубови. Да растеме во нормален европски клуб.“
ПОКРАЈ БАБИЌ ПОРАСНАВ КАКО ИГРАЧ
„Истовремено Бабиќ е тренер, кој има најголемо влијание во мојата кариера и кој ми отвори некои нови видици за ракомет. Соработката со Бабиќ ме направи многу подобар играч од колку што бев кога дојдов во Битола, тој има големо влијание на мојата игра, многу работи сменивме од почетокот, тренерот инсистираше на тоа и по година се чувствува. Секако дека и од останатите тренери, секој има свој потпис во мојата кариера, но би го издвоил Бабиќ како некој кој има големо влијание.“
НА ЕП ДА УЖИВАМЕ И ДА СЕ НАДИГРУВАМЕ
Јосип Периќ и репрезентацијата на Босна и Херцеговина по третпат во својата историја ќе игра на едно големо натпреварување – Европското првенство во јануари следната година. БиХ е во тешка група со Шпанија, Шведска и Чешка, но нема да оди со ‘бело знаме’.
„Имаме тешка група на ЕП, но не сме биле дел од големи натпреварувања, ова е наше трето учество и ќе се обидеме да уживаме. Секако и да се надигруваме, особено со Чешка со која мислам дека можеме да се носиме. Ќе се обидеме и да изненадиме некој од фаворитите. Против Шпанија и Шведска немаме што да загубиме. Искрено се радувам. Мислам дека сме добра екипа, со играчи кои играат во добри европски клубови и лиги и ќе се обидеме да приредиме некое изненадување.“
ГОЛОТ ПРОТИВ КАДЕТЕН – ГОЛ ЗА ПАМЕТЕЊЕ И ПРЕСВРТ
Во својата досегашна кариера 29-годишниот Периќ многупати се нашол во ситуации кои многу му значеле, но најсвежо во сеќавање му е погодокот во последната секунда против Кадетен Шафхаузен.
„Хммм… сум имал многу ситуации, но во моментов најсвеж ми е погодокот против Шафхаузен. Беше емотивно! Дополнително на тежина доби тоа што со тој гол Еурофарм Пелистер дојде до прв бод на стана по неколку години. Од тука почна и пресвртот, растот на формата. Знаев дека ситуацијата е таква, дека нема време и дека мора да го решам тоа и само се кренав и шутнав.“
СОНУВАМ ЗА ОЛИМПИСКИ ИГРИ
За средниот бек врвот во кариерата би бил настап на Олимписки игри.
„Веќе реков – кога видов како клубот, навивачите и градот реагираа на титулата, посакувам да донесеме уште една титула во Битола, кон тоа целам! Индивидуално моето заминување во Бундеслигата и двете години минати таму се награда за мене за целиот труд и откажувања и за сета посветеност. Таму добив поинакви ракометни видици. Играчки, за мене, настап на Олимписките игри е врв на кариерата, тоа мислам дека за секој спортист е највисоката скала и по неа нема ништо веќе.“