Македонскиот репрезентативец Филип Талески и во следната сезона ќе го гледаме во „црвено-црниот“ дрес откако тој одлучи соработката со Вардар да ја продолжи на уште една година. Левиот бек не е меѓу „омилените“ ниту на публиката, ниту на критичарите. Тој беше дел од „златната генерација“ момци, кои на СП 2017 во Алжир до 21 година го испишаа најголемиот репрезентативен успех во колективен спорт – шестото место на едно Светско првенство, но и по пет години во А тимот и натаму се чека вистински да заблескаат заедно со Филип Кузмановски.
Талески потекнува од Крушево, кој е познат како одбојкарски град, но не го привлекува овој спорт. Желба му е да тренира фудбал, но на 11 години се преселува со семејството во Скопје и тука му се отвораат повеќе спортски можности. По иницијатива на неговата мајка (која обожува ракомет) почнува да тренира ракомет во Академијата на РК Металург. Првите два месеци за тренер го има Благојче Весиќ, а потоа се формира екипата на Александар Јовиќ, која ќе се покаже и како иднина на Металург, но и на македонскиот машки ракомет.
Расте преку Металург Јуниор и настапите во кадетската и младинската репрезентација на Македонија, се под водство на Јовиќ, за на 19 години како голема надеж и најдобар стрелец на Металург во Лигата на шампионите да направи сензационален трансфер во бундеслигашот Рајн Некар Левен. Потег кој ќе го налути неговиот тогашен тренер Лино Червар и поради кој ќе остане на клупата скоро цела полусезона.
Заминувањето во РНЛ е фантастична шанса за него, но факт е дека таму не може да се избори за место, па по две сезони преминува во Балинген. Една година ќе остане во овој клуб, но многу фактори играат улога, па тој одлучива да се врати дома во Македонија, но сега во тимот на Вардар. По една мината сезона во „црвено-црниот“ дрес, Талески и клубот потврдија дека соработката продолжува, а бекот вели дека чувствува потреба да се оддолжи за довербата која ја има од првиот човек на клубот, Михајло Михајловски.
„Останувам во Вардар и следната сезона. Седнавме и отворено зборувавме со првиот човек Михајло Михајловски, кој ми потенцираше дека верува во мене и дека сака да останам во Вардар. Тој е голема личност во македонскиот ракомет, лани беше иницијатор за да дојдам во Вардар и сега настојуваше да ме задржи, а и јас сакав да останам. Се согласивме дека не го дадов својот максимум сезонава и чувствувам дека треба да се оддолжам на убав начин за довербата. Се надевам дека следната сезона ќе се вратат и навивачите и сето она што Вардар требаше да го направи оваа сезона, а не успеја поради пандемијата, ќе го покаже во следната. Останувам затоа што Вардар е бренд, Вардар е институција и каде и да отиде секој има респект кон него. Тоа во што Вардар прерасна е градено со многу труд, пот и жртви и затоа не треба да се фрли во вода. Верувам дека сезоната ќе ја оправдаме со двојната круна во домашно првенство. Имаме уште за играње, македонската лига е особено квалитетна сезонава и нема опуштање со никој. Прво мислиме на Купот, па потоа и на реваншот со Еурофарм Пелистер во Битола, па ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Мора да доодработиме максимално, фокусирано ако сакаме да ја исполниме целта“ – дециден е Талески.
Се пишуваше дека Металург те сака назад, а и јавна тајна е дека Еурофарм Пелистер веќе неколку сезони наназад се обидува да те донесе во Битола.
„Понуда од Металург не сум имал и пишувањата во медиумите можеби беа поттикнати од некој, но на моја адреса немаше никаква понуда. Еурофарм Пелистер ме бараа и сезонава и пред две сезони кога од РНЛ преминав во Балинген, но сметам дека за мене е најдобро да останам во Вардар. Кога се вратив во Македонија лани имав понуди и за да останам во Германија, но престиж е двократен европски првак да те сака во своите редови и нормално дека прифатив да се вратам дома, односно да играм за Вардар. “
ЈОВИЌ НИ НАМЕТНА МЕНТАЛИТЕТ НА ПОБЕДНИЦИ
Талески е дете на Металург и тоа е факт од кој нема бегање. Бекот потенцира дека е горд што учел ракомет од еден тренер како Александар Јовиќ, бил заштитен од соиграчите при крахот на клубот во 2015 година, а потоа имал слобода да расте кај Лино Червар.
„Прв тренер ми беше Весиќ (само два месеци), а потоа се формира екипата на Јовиќ – кадетски тим во Академијата и со него прво почнавме да одиме, па да трчаме и да водиме топка, па да ги учиме првите ракометни чекори. Едноставно тој ни ги даде сите основи. Факт е дека сум негово дете и горд сум затоа што ретки се тренерите и личностите како него. Не можам да избројам колку пати работел индивидуални тренинзи со мене, ме земаше пред училиште, ме враќаше, иницираше и секој слободен период го користеше за да ни пренесе знаење и да не научи ракомет. Многумина од нас треба да му бидеме благодарни затоа што како што тој растеше како тренер, така и ние растевме како играчи. Тренинг со него не ни почнуваше без игрица. Од загревање со игри ни наметна некој менталитет секогаш да победуваме.“
Таа генерација го одржа Металург во живот во период кога сите мислеа дека ќе згасне.
„Да, вистина е! Јас и Марко Нелоски бевме дел од таа криза, затоа што тогаш веќе трениравме со првиот тим. Но, кога се случуваа тие неубави моменти и клубот делуваше како пред распаѓање, ние бевме тргнати на страна. Самите играчи не заштитија, не тргнаа на страна, потенцирајќи дека тоа се нивни проблеми, а ние треба да мислиме на нашата ракометна иднина. По нивното заминување првата полусезона клубот вистина е дека опстои само со тие играчи кои бевме во Металург Јуниор, за потоа да донесат некои засилувања Божовиќ, Матиќ… и Металург успеја да задржи некое ниво. Не можевме да му парираме на Вардар, кој многу растеше во тој период. Имаше од кого да учиме и ние, како од Червар кој остана на клупата и од Јовиќ како негов асистент, така и од ракометарите на Вардар и мислам дека тој период беше голем пресврт и во нашите животи и во нашата кариера (јас, Велковски, Крстевски, Нелоски – кој за жал поради повреда е предолго надвор, Кузмановски, кој од Битола се приклучи во Металург, Палевски, Даниловски, Блажевски…) Сите имаме убави спомени од тој период, бевме млада екипа, која од Јовиќ научи да биде борбена, да се даваме на секој тренинг, на секој меч и само по добро го паметам тоа време.“
Но, не се разделивме најдобро со Металург, ако не се лажам!? Талески од најдобар стрелец во ЛШ, остана да седи на клупа во последната полусезона. Го налути Червар со трансферот во Рајн Некар Левен?
„За Червар не можам ништо лошо да кажам, можам само да му бидам благодарен. Кога се распадна оној шампионски тим на Металург, тој не замина тука остана и ни пренесе знаење и искуство. Во тој период мене ми даде сè (она што сега ми недостасува на некој начин) слобода во игра. Паметам некогаш имав по 10-15 промашени удари на натпревар, но никогаш поради тоа не бев повлечен од игра, ме оставаше да грешам и веруваше во мене и јас возвратив со тоа што последната полусезона во Металург ја завршив како најдобар стрелец во тимот во Лигата на шампионите. Червар беше против тоа да заминам во РНЛ, но мене договорот со нив требаше да ми стартува за сезона ипол. И од таа гледна точка, Металург зеде многу пари за мене од обештетување. РНЛ го откупи мојот договор една сезона порано и ми излезе во пресрет, да не речам ме спаси од седењето на клупа во Металург, иако потоа со таква ситуација се соочив и во тој клуб. Таму не играв доволно, со 19 години заминав во Германија. Многумина потенцираат дека ми е грешка тој потег што толку млад одам во странство, но не се согласувам со тоа. И Кирил Лазаров на 18-19 години излезе од Македонија, па видете каде е сега.“
ВО РНЛ МИ БЕШЕ ВЕТЕНА ШАНСА КОЈА НЕ ЈА ДОБИВ
„Кога дојде понудата од Левен и кога бев таму на медицинските прегледи, тренерот Николај Јакобсен ми потврди дека не ме следел само во клупските настапи, туку и во младинските селекции, тој сликата за мене ја формира од сите тие настапи. Особено од ЕП во Данска, каде навистина завршивме претпоследни, но на индивидуален план се издвоивме неколкумина и некој го гледа тоа, и тоа ми беше потенцирано. Ми вети шанса во РНЛ, но не се оствари тоа, иако многу научив од него. Особено таа полусезона кога поради повреда на одбранбениот играч добивав поголема минутажа во дефанзивата со Пекелер, тогаш научив многу! Не го сметам за грешка моето заминување во РНЛ, иако од денешен аспект можеби требаше да почекам уште една сезона пред да одам, но не жалам за тој чекор. Имаше и критики на сметка на моите родители, кои сакаа да останам дома, но јас им нагласив дека сакам сам да носам одлуки кога ми е кариерата во прашање и дека мора да бидам човек кој сам размислува. Така се случи, тие ја поддржаа мојата одлука. И денеска, кога сум и фамилијарен човек, сами со сопругата ги носиме одлуките, а од семејството добиваме само поддршка. Од денешна перспектива многу работи влијаеја за моето неиграње. Поинаку одат работите таму. Разговаравме на таа тема со Енди Шмит сега пред дуелот со Швајцарија за тоа како функионираа работите. На пример тој беше број еден играч и за него немаше замена. На моја позиција беа Ду Риц и Мех Ларсен, но тврдам дека сите шанси што сум ги добил, сум ги искористил.“
ЌЕ ГИ ДЕМАНТИРАМ КОМЕНТАРИТЕ ДЕКА НЕ ВРЕДАМ!
„Сум добивал и пофалби во соблекувалната, каде пред цел тим Јакобсен ми има кажано ’Сè додека имам играчи како Филип Талески во екипата не се плашам дека ќе загубам’. Знаете колку значат тие зборови за еден млад ракометар? Уште ми оѕвонуваат во ушите! Понекогаш и се обидувам да покажам и да докажам дека она што ми се случува во моментов не е реално. Секој спортист во било кој спорт има падови во кариерата. Мојот период подолго трае… Ме прозиваат дека можам да си ги спакувам куферите и да си ги закачам патиките и да се откажам од ракомет, но нема да дозволам такво нешто на некој кој посакува да е на моето место. Убеден сум дека наскоро ќе ги демантирам тие коментари дека не вредам. Знаете што е голем проблем кај нас. Во странство си странец и треба да бидеш десетпати подобар за да играш, и ја чекаат секоја грешка за да те казнат. Во Македонија е спротивно, си ја сакам земјата многу, но на секое ниво на функционирање странецот е повеќе ценет и добредојден од Македонецот, па така е и во спортот. Според мене странците не се ништо посебно, но ги величаме повеќе додека нашите играчи се тргнати на страна. Тоа е голем проблем и сите играчи го чувствуваат тоа, но веќе некако се научивме да се носиме со ситуацијата. Во Германија домашниот играч секогаш има повеќе простор за игра и повеќе кредити од странецот, кој го чекаат на грешка.“
Како успеваш да се носиш со сите тие коментари, навреди, па и фактот дека си цело време на „тапет“ без разлика дали е клуб или национален тим?
„Во себе знам дека на сите ќе им докажам дека не се во право, со тоа се хранам. Не ми е убаво, се чувствувам како најомразена личност во ракометниот свет. Секој има право да коментира, но многу од коментарите се погрдни, ниски и се одраз на нашата, за жал, (не)култура. Директни навреди и за сопругата и за семејството, телефонски пораки, на социјалните мрежи… Верувам дека многу луѓе сакаат да бидат на мое место, а не можат. Дали сум добар или лош тоа знам за мене, за нив не знам. Секогаш тргнувам од себе, прво гледам во својот двор, потоа во туѓиот. Сум имал конфликт со некои навивачи, и велам ако мислат дека знаат и можат подобро да играат ракомет од мене, слободно, ќе им го дадам дресот нека дојдат на моето место. Во мене има нешто кое ми кажува дека знам и можам многу подобро и се надевам дека тоа многу брзо ќе го докажам. Јас сум таков човек тргнувам од себе, ако не можам некому да помогнам, тогаш гледам да не одмогнам. Имам голема поддршка од сопругата, семејството, пријателите, најважно од соиграчите, а во случајов и од првиот човек на Вардар, кој сакаше да останам во клубот“, објаснува Талески и продолжува: „Смешна ми беше и таа ’случајност’ излегувањето на видеото со Металург во период кога потпишувам за Вардар. Па сето тоа донесе реакции, беше извадено од контекст и од едни и од други. Не ми е јасно тоа, јас и кога сум бил играч на Металург сум станувал да се развеселам на Ој Вардаре…“
СЕМЕЈСТВОТО МЕ СМЕНИ ВО СЕКОЈ ПОГЛЕД
Талески во Германија замина не созреан како личност, дете, со неполни 20 години, а потоа се врати како семеен човек со дете. Колку те променија семејството и родителството?
„Пораснав брзо. Од секогаш сакав да бидам млад родител, со сопругата одлично се сложуваме и двајцата имавме исто мислење за тоа и така и се случи. Многу ме смени семејството во секој поглед, нормален живот, професионален живот… Не сме деца, одговорни сме за уште еден живот и сега за сега одлично ни оди. Се одлучуваме заедно, ставам сè на еден список – добрите и лошите страни и сумираме на крајот, а потоа ја носиме одлуката. Ена (сопругата) е поранешна ракометарка која поради нивото на женскиот ракомет кај нас заминува за Германија и таму се запознавме. Благодарен сум и премногу затоа што остави сè за мене и одлучи да ме следи, семејството да биде заедно, и да ми даде неизмерна поддршка во кариерата и во целиот овој тежок период. Направи голема жртва, има разбирање за сè, како поранешна спортистка ме сфаќа во ситуации кога се враќам дома нервозен и ми дава простор да ја ’оладам’ главата и да ги смирам емоциите. Вложена е максимално во сè за јас да можам да мислам само на кариерата и затоа тврдам дека и сопруга на спортист е многу тешка работа – секоја им чест!“
ЛАЗАРОВ НÈ СПЛОТИ И НИ ДАДЕ СЛОБОДА
Филип Талески од 2013 има статус на македонски репрезентативец, прво во младинските категории со настапите на ЕП 2014 во Полска, потоа и ЕП 2016 во Данска. Секако историското СП 2017 во Алжир со освојувањето на шестото место, кое е потврда за генерација која носи светла иднина. Левиот бек во А тимот дебитира на СП 2017 во Франција. Но, ниту тој како големата надеж од која многу се очекуваше, па и неговите соиграчи од генерацијата пет години подоцна уште чекаме да „експлодираат“.
„Сметам дека на ЕП 2018 во Хрватска не одигравме лошо првенство, ниту јас ниту било кој од мојата генерација, па и комплетната репрезентација. Раул Гонзалез како селектор го извлече максимумот од сите нас и на терен секој од нас делуваше одлично. Да не ни се случеа некои пехови и да не нè стигнеше заморот можеа многу работи да се случат поинаку на тоа првенство. Раул многу ми веруваше и правеше тактика за сите да играат, како што се случува сега со Кирил Лазаров. Онаа слобода за која зборував за Лино во Металург сега ја имаме кај Кире. Јас не сум заборавил да играм ракомет и тоа го покажувам сега во националниот тим. Последниве четири натпревари се најдобар показател дека ни се потребни такви предводници, кои ќе ни даваат простор и кои ќе веруваат во нас, тоа е најважно за секој играч. Разговарав со Лазаров и тој сам вели: ’Јас два натпревари да не одиграм, третиот меч ќе биде веќе поинаку’, а ние две-три години веќе седиме постојано на клупа. Тоа е долг период и вакум во ненатпреварувачки ритам и тоа придонесува што сме денеска во една така лоша форма да ја наречам или лоша ситуација. Но ако продолжиме и понатаму да имаме ваква слобода и простор за игра, тогаш верувам дека допрва ќе го покажеме најдоброто од нас.“
Што е она што Лазаров го направи различно од Брестовац за толку кус период? Постоеше ли некаков револт и бојкот во репрезентацијата на СП за во едно такво издание да се презентираме?
„Од петтото место на ЕП 2012 во Србија македонската јавност константно има високи очекувања за ракометарите дури и во ситуација кога се потенцира дека сме во тежок период на промена на генерација. На моменти знае да се случи дисфункционалност меѓу генерациите, не знам како да го објаснам тоа. Делуваме како екипа, а истовремено и не сме. Кога победуваш си екипа и се е добро, кога губиш… Ниту на ЕП 2020, ниту сега во Египет не можам да кажам што се случи. Немаше ниту бојкот, ниту револт, отидовме да се натпреваруваме, за по првите 15-20 минути против Шведска да ни се случи потоа. А потоа продолживме да тонеме! Многу е различно кога ќе изгубиш натпревар со еден-два разлика, и кога ќе загубиш со 20… Чудно ми е секогаш кога ќе се обидам да направам споредба. Истата репрезентација од Египет, плус Миркуловски само два месеци подоцна против Данска игра перфектно. Данска немаше пораз две години, замислете немаа загубен натпревар две години!!! Двапати во низа светски првак, а ние ги победуваме. Има милион зошто и милион затоа.“
„Лазаров со неговото превземање не сплоти и тоа донесе резултат. Добро не знае нас играчите, направи добра тактика, имавме добра подготовка и после такво лошо првенство, Данска доаѓа во Скопје во најсилен состав, а ние ја водиме осум разлика и ја победивме. И никогаш не се случило Македонија со ваков резултат да мине едни квалификации. Можеби се смени менталниот склоп, по СП сите увидовме дека она што го одигравме и прикажавме беше катастрофа и секој почна сам од себе. Може да се види и дека Кире остава простор за сите. Кузмановски играше повеќе во нападот, јас имав повеќе одбранбени задачи на овие натпревари, но секој од нас е важен. Нè разбира, кога некој верува во тебе, тогаш и вие имате самодоверба дека можете сè. Дека можеме против еден Хансен или Гитсел, да го запрете во напад, или, пак, Лазаров како тренер – играч може да му се спротивстави на Јакобсен кој има две светски титули. И тие се од крв и месо и ние! Најверојатно го сфативме тоа, главата е клучот за многу работи. И најважно од сè – не нè оптоварува со играта на целата екипа, туку секој играч добива конкретни задачи, три – четири работи во напад и одбрана на кои сме фокусирани. Секој мисли за своето и се договараме кој каде ќе покрива и што и како ќе се напаѓа, и така се добива една компактност. На пример во реваншот во Данска и покрај тоа што Лазарот не играше ако спроведевме 50% од она што го игравме на првиот меч во Скопје, можеби пак ќе загубевме, но не со толкава разлика.“
Главното за овој тим допрва следни, ЕП во јануари.
„Оптимист сум! Можеме многу како селекција и имаме квалитет, но тоа на терен треба да се потврди, а со Кире како селектор – играч, со визиите и ставоовите кои ги има, можеме уште подобро. Силно верувам дека таа генерација од СП во Алжир за која многу се зборуваше, ќе се зборува повторно затоа што таа го нема кажано својот последен збор. Со вакви луѓе со какви што работиме убеден сум дека тоа бргу ќе се случи и најдобриот момент на тие големи натпреварувања ќе дојде.“