Македонскиот интернационалец Тоше Ончев има перфектна сезона во словенечки Тримо Требње. Левиот бек се пронајде во тимот кој го предводи легендата Урош Зорман, важи за еден од лидерите на екипата, а добриот перформанс двапати досега му донесе статус и на играч на колото. Велешанецот порасна во Вардар Јуниор покрај Столе Петрушевски, доби шанса и во шампионскиот тим на „црвено-црните“ пред да почне да гради интернационална кариера во Франција. Сезонава, во Словенија, како да се пронајде себе си. Стана фамилијарен човек, коцките почнаа да му се поклопуваат и кариерата се движи во нагорна линија. Од лани летото неговото име редовно е на поширокиот список за националниот тим, но се уште ја чека вистинската шанса за да покаже дали е калибар за да го носи репрезентативниот дрес.
Тоше Ончев, кој е роден во Велес, доаѓа од спортско семејство. Неговиот татко е поранешен одбојкар, но љубовта кон ракометот му ја носи постариот брат Иванче, кој тренира во Борец. Интересно е дека Тоше никогаш нема настапувано за овој клуб, бидејќи првите чекори во ракометот ги прави во школата на Никола Бисинов. Од седум години почнува да тренира ракомет, а на 14 години доаѓа во Скопје, каде паралелно учи средно училиште, но и станува дел од Вардар, каде Стојан Петрушевски продолжува да работи со него.
БИСИНОВ МЕ НАУЧИ ДА ОДАМ, ПЕТРУШЕВСКИ МИ ДАДЕ СĖ!
„На седум годишна возраст почнувам со ракометот, благодарение на брат ми, кој тренираше ракомет во Борец. Не можев да тренирам и јас во Борец, затоа што во тој период немаа школи за млади, па почетоците ми беа во школата на Никола Бисинов. Тој буквално ме научи како да одам (се смее) и кај него ги минав првите седум години. На 14 години имав понуди и од Пелистер и од Металург кај Ацо Јовиќ и од Вардар од Стојан Петрушевски, да продолжам да тренирам во овие клубови. Се одлучив за Вардар, како голем клуб, како бренд. Таму ги минав сите младински филтри – пионери, кадети и младинци, а потоа влегов во вториот тим, Вардар Јуниор. До Петрушевски треба да упатам јавна благодарност затоа што тој даде се од себе за да стигнам до тука каде што сум денеска. Пред сè ме научи да бидам човек, а потоа и спортист. Ме разви како играч и на негова сметка одат сите заслуги за нивото на кое играм денеска. Веруваше во мене и добивав убав простор и игра, а тоа беше причината што по само година дена во вториот тим, Раул Гонзалез ме побара во првиот и имав настапи во СЕХА лигата. За дете од 17-18 години беше чест и привилегија да се дели соблекувалната и теренот со играчи како Карачиќ, Циндриќ, Македа, Чупиќ… Само да се биде на тренинг со нив беше можност да научиш нешто повеќе и да видиш како треба да се работи за да се развиеш во вистински професионалец. Тоа беше голем плус во мојата кариера.“
ФРАНЦИЈА Е ЛАДНА, ГРЦИЈА И СЛОВЕНИЈА ИЗНЕНАДИЈА
Природната позиција на Ончев е лев бек, иако може да покрие и како плејмејкер, а Раул Гонзалез во Вардар го користеше како лево крило. Потребата од поголема минутажа е таа која го праќа на позајмица во Пелистер, а потоа на само 19. години велешанецот се одлучува да отвори интернационално поглавје.
„Природна позиција ми е лев бек, можам да покријам и среден, а кај Раул во Вардар играв лево крило поради повреда на Владо Недановски и бев потребен како таква опција. Вардар е огромно искуство, но немав минутажа, а ми беа потребни натпревари за да се развивам како играч и на полусезона побарав да одам на позајмица во некој клуб во Македонија и заминав во Пелистер кој тогаш го предводеше Стевче Алушовски. По само два месеци, на 19 години, добив понуда да играм во Франција, во клуб од третата француска лига – Вернуј. Не сакам да потценувам, но во тој момент, третата лига во Франција беше посилна од нашата Суперлига (Вардар и Металург не играа во регуларниот дел од домашното првенство). Потоа преминав во клуб во Втората лига – Вернон, но и таму се задржав кусо. Франција како земја е ладна, ладни се луѓето, затворени, и ми беше тешко да се адаптирам. За еден млад играч и единствен странец не беше баш пријатно. Тренинг – дома или натпревар – дома. Голманот Крис, кој претходно бранеше во Пелистер ми беше единствен пријател, иако добро бев прифатен и од целата екипа. Но, местото беше мало, секој си ја гледаше својата работа и навистина ми беше тешко за живот, па може и тоа е една од причините што си заминав. Потоа отидов во Грција, односно на Крф, каде потпишав за Фаикас Керкира. Тоа беше голема промена за мене. Од ладната Франција пријатно бев изненаден како ме прифатија на Крф (иако Македонец – се смее). За два месеци ја добив и капитенската лента, толку доверба имаа во мене и беа задоволни од мојата игра. Но, се случи пандемијата и се прекина сезоната. Потоа одново се вратив во клубот, но поради сите финансиски проблеми кои ги донесе коронавирусот во спортот, клубот се распадна и морав да барам решение“, раскажува Ончев.
СТОЛЕ И ПЕПИ МЕ ВРАТИЈА ОД МРТВИТЕ
Можеби вистинскиот пресврт во кариерата на бекот се случува токму во таа пост-пандемиска сезона, кога по два месеци на Крф, се враќа во Македонија и влегува во проектот Работнички, кој го предводат неговиот долгогодишен тренер Столе Петрушевски и Пепи Манасков.
„По враќањето од Крф, Столе и Пепи ме повикаа да одам во Работнички и да бидам дел од тој нов проект. Да бидам искрен, тие ме вратија во мртвите. Лигата во Грција не е многу силна и формата ми беше падната, но работата под нивна палка ме врати на вистинските патеки. Одново се кренав играчки и паметам таа сезона ја завршив како најдобар стрелец во Лигата. Не ја одиграв цела сезона, пропуштив четири или пет кола, а сепак на крајот бев прв стрелец со 205 гола на 21 натпревари. Со таквата игра го привлеков вниманието на неколку тренери. Давид Писонеро ме бараше да одам во Ваљадолид, а потоа дојде и понудата од Урош Зорман за во Тримо Требње. Кога се јави Зорман, немаше дилема, знаев дека треба да потпишам во Словенија, каде се обврзав на тригодишен договор.“
ТЕШКО Е ДА СЕ РАБОТИ СО ЛЕГЕНДА КАКО ЗОРМАН
Ончев во моментов ја одработува првата сезона од трите со кои има договор со Тримо Требње. Вели дека му било тешко да се адаптира на почетокот, дека Зорман е тренер кој има големи барања и високи очекувања. Истовремено задоволен е од тоа како успеја да се пронајде себе си во тимот. Најдобар показател за тоа е фактот дека е лидер на екипата, неколкупати се закити со епитет МВП на мечот, а двапати досега имаше статус и на најдобар играч на колото во првенството.
„Не верував дека толку лесно ќе се вклопам во средината. Ми беше потребно време да се адаптирам, да се вклопам во системот на Зорман. Тешко е да се работи со него. Тој е тежок човек, но не во лоша смисла, туку е крајно професионалец. Многу е темпераментен и бара да дадеш максимум без разлика дали си на тренинг или на натпревар. Поставува високи цели и има големи очекувања. Кога дојдов во екипата на почетокот на сезоната, Зорман јасно ни посочи: ‘Лани бевме вицешампиони, годинава сакам шампионска титула.’ На почетокот тоа ми беше проблем! Бев под стрес, да не згрешам, да ги исполнам неговите очекувања, но полека работите се менуваа. Јас се пронајдов во екипата и во системот, играм послободно, додека тој има голема доверба во мене и знае дека можам да одговорам на она што ќе побара“, објаснува Ончев и продолжува: „Некако ми се поклопија коцките тука. Имаме систем по кој работиме и секој си ја знае својата задача. Јас давам десет гола на натпревар, но не го правам тоа сам. Имам екипа, играме сите заедно, еден за друг и на крајот најважно е да победиме, а не кој ќе даде најмногу голови. Велам убаво се пронајдов во екипата, фатив континуитет (кој мислам дека тргна од Работнички) и десетгодишната работа доаѓа до израз. Секако има простор и за поголем напредок. Сега доаѓа за нас она главното во сезоната. Моментално сме втори зад Целје, таму одигравме нерешено и во април ги чекаме дома, во Требње за да ја решиме титулата. Не летаме, одиме чекор по чекор и се надевам дека ќе ја освоиме шампионската титула, во спротивно Зорман ќе биде разочаран, сигурен сум.“
Бекот направи и мала споредба меѓу Македонија и Словенија.
„Во Словенија е сосем поинаку од Македонија. Факт е дека во Македонија во последно време ракометот има голем напредок, но мислам дека притисокот е поголем тука. Секој се бори до крај, знае да има изненадувања, последниот да го победи првиот или некој тим кој е аутсајдер да слави над фаворит.“
СЛОВЕНИЈА Е КАКО ДОМА, СЕМЕЈСТВОТО – ГЛАВЕН МОТИВАТОР
Покрај трансферот во Тримо Требње и преселбата во Словенија, последните година дена донесоа промени и на приватен план за Тоше Ончев, кој стана сопруг и татко. Тој со семејството живее во Требње, каде вели дека се чувствува како дома, а синот и сопругата му се најголемата мотивација и инспирација.
„Не само професионално, туку и приватно, животот во Словенија е убав. Требње е мало место, но Љубљана и Ново Место ми се во близина. Откако дојде синот Матеј фокусиран сум на него и на сопругата Наталија, со нив го минувам секое слободно време. Тие се мојата најголема мотивација. Исполнет сум и професионално и приватно. Во тимот има многу Балканци, одлично сум прифатен, сега и Милан Лазаревски е со мене – се чувствувам како дома. Мирен сум, исполнет и сигурно дека и тоа се рефлектира на квалитетот на играта. Убава дружба имаме и со соиграчите. Надвор од ракометот ме релаксира играње тенис, тоа го правам рекреативно, кога ми дозволува времето. Многу сакам прошетки во природа и јавање коњи, а имам и милениче куче, кое ми е како второ дете (се смее).“
ЈОВИЌ МЕ „ИЗБРИША“, ЛАЗАРОВ МЕ ВРАТИ НА РЕПРЕЗЕНТАТИВЕН СПИСОК
Ончев има 25-години и е дел од генерацијата на Талески, Кузмановски, Томовски, Нелоски, Палевски…кои во 2013-та година играа во квалификациите во Умаг и изборија пласман на ЕП 2014 во Полска, предводени од Александар Јовиќ. Тоше играше и во квалификациите и на континенталниот собир, за потоа да биде изоставен на сите следни собири. Ниту наследниците на Јовиќ во младинските репрезентации, ниту еден селектор на А националниот тим не смета на него, се до Кирил Лазаров, кој лани летото го стави бекот на поширокиот список. Ончев и за ЕП во јануари годинава беше на листата од 35 ракометари, а истото се случи и за баражот со Романија, кој престои. Она што го чека интернационалецот е вистинска шанса за да види дали вреди да го носи дресот на најдобриот национален тим.
„Бев дел од кадетската репрезентација која играше квалификации во Умаг, а потоа настапивме и на ЕП 2014 во Полска. Не предводеше Јовиќ и јас сум со генерацијата на Талески, Нелоски, Палевски… Потоа кога се играа квалификациите за СП во Данска, не бев повикан на собир, не се најдов ниту на поширок список. Не знам која беше причината што Јовиќ едноставно ме избриша. Ми беше навистина тешко, јас бев со тој тим од почетокот и пионери и кадети. Ниту Илија Темелковски не сметаше на мене за СП во Алжир и така ме снема од репрезентативната листа. Ниту еден селектор и во сениорска конкуренција не ме имаше земено предвид, се до лани летото. Кога имаше активност на Б репрезентација, па Лазаров ме стави на поширок список. Но, не бев селектиран во потесниот. Од тогаш постојано сум на поширок список од 35 играчи и чекам шанса.“
Те разочарува чекањето? Особено сега, кога си во одлична форма и играш одлична сезона во Тримо Требње.
„Слично прашање добив и во јануари кога не се најдов на потесен список за ЕП, но мислам дека нема простор за разочарување. Мое е да работам! Јас тренирам напорно, играм, работам на себе и правам се да бидам 100 посто подготвен за секој предизвик кој ќе ми дојде на патот. На една легенда како Кирил Лазаров не може да му се мешаме. Сигурен сум дека тој знае кој, што и колку може да му донесе во репрезентацијата. За еден спортист најголемата желба е да го облече националниот дрес, тоа е посебна чест и привилегија. Јас макотрпно работам и си ја чекам мојата шанса, која мислам дека некој треба да ми ја даде за да покажам дали заслужувам да бидам дел од репрезентацијата. Кога таа можност ќе дојде, се надевам дека ќе ја искористам. Мое е да играм, а други ќе кажат дали заслужувам да сум таму или не.“
СОНУВАМ ЗА ТРАНСФЕР ВО БАРСЕЛОНА
Покрај сонот да го облече националниот дрес, Ончев се надева дека во клупската кариера ќе има шанса некогаш да заигра во Барселона и да биде дел од екипа која ќе настапува во Лигата на шампионите.
„Сега сум фокусиран на Тримо, имам тригодишен договор, кој сакам комплетно да го исполнам и да му помогнам да дојдеме до шампионската титула и зошто да не и до место во Лигата на шампионите. Навистина сакам да заиграм за клуб кој ќе биде дел од најелитното клупско натпреварување и секако да освојам титула европски првак. Нема ракометар кој не тежнее кон тоа. Желба од детство ми е да играм во Барселона, можеби ќе успејам да си ја исполнам, кој знае. Времето е пред мене, како за клупската кариера, така и за репрезентативната – прво да го облечам националниот дрес, па потоа и да му помогнам на тимот да оствари повисоки цели. Напорно тренирам, играм и работам на себе, а ќе видиме времето што ќе ми донесе“, потенцира Ончев.